Речиси при секоја медицинска анализа во фазата на дијагностика барем еднаш се употребува рендген апаратот. Денес модерната медицина не може да се замисли без употреба на „Х зраците“ во утврдување на различни здравствени состојби.
На 8 ноември се одбележува Светскиот ден на радиологијата, во чест на германскиот физичар и научник Вилхелм Конрад Рентген кој на крајот на 19 век го прави епохалното откритие на „Х зраците“.
Одбележувањето е иницирано од здруженијата на радиолози низ светот со цел да се истакне важноста на оваа медицинска специјалност, но и да се поттикнат инвестиции во соодветна медицинска опрема и кадар кои се во интерес на подобра дијагностика и безбедност на пациентите.
Радиолозите го одбележуваат денот од 2007 година па наваму со различни иницијативи за правилна употреба на технологијата, особено во безбедносниот сектор, на пример на аеродроми и слични ситуации.
Случајното откритие
Германскиот научник Вилхем Конрад Рентген, роден во 1845 година, кон крајот на 19 век работел на повеќе експерименти со електрични празнења на катодни цевки низ гас со низок притисок.
Дел од цевките биле изработени од познати научници за тој период како Херц, Тесла, Крукс и Хиторф, а токму катодната цевка на Филип Ленард ќе биде клучна.
Иако не бил прв кој забележал дека зраците оставаат флуоресцентен ефект врз различни материјали по празнењето, тој увидел дека посебно се забележуваат на картонските екрани обложени со бариум платиноцијанид.
Следните седум недели ги поминал во целосна изолација во неговата лабораторијата. Првично стравувал дека ако не е во право за неговите претпоставки дека неговата научна кариера ќе биде загрозена.
Првата рендген слика ја направил скенирајќи ја раката на неговата сопруга Ана Берта Лудвиг врз фотографска плочка. Таа гледајќи во сликата од нејзините коски помислила дека „гледа како изгледа смртта“.
Во 1895 година го објавил научниот труд за новите зраци кои ги означил со буквата „Х“, алудирајќи дека се непознати и сосема нови дотогаш неоткриени во науката.
За епохалното сознание ја добива првата нобелова награда за физика во 1901 година. Сепак, Рентген не бил заинтересиран за финансиските придобивки, па така наградата ја донирал на универзитетот, и никогаш не ги патентирал пронајдоците, со цел бенефит од нив да има целото човештво.