„Интернет експлорер“ замина во историјата     Фото: Ројтерс

Веројатно ви текнува со колку возбуда, пред повеќе од две децении, на компјутерите сте го користеле интернет прелистувачот „Интернет експлорер“ (Internet explorer) и со нетрпение сте очекувале да се појават првите веб страници.

Но со текот на времето, овој интернет прелистувач едноставно исчезна од радарот губејќи на релевантност, поради појавата на други конкуренти. По речиси 27 години од неговата прва употреба во 1995 година, „Мајкрософт“ одлучи дека ќе го отстрани прелистувачот „Интернет експлорер“ (ИЕ).

Од денес, десктоп апликацијата ќе биде оневозможена и наместо тоа корисниците ќе бидат пренасочени кон прелистувачот „Еџ“ (Edge) на Мајкрософт.

Преку Експлорер се пристапуваше кон интернет пред повеќе од две децении, во ерата кога „Мајкрософт“ доминираше во светот на технологијата, пред „Гугл“, „Фејсбук“ и „Тик Ток“ и кога прелистувачите мораше да се инсталираат на компјутерите со помош на ЦД-ром.

Во поднесок кон австралиски регулатор за преглед на интернет прелистувачи, Мајкрософт објасни дека одлуката да се откаже од ИЕ се должи на фактот дека програмерите имаат помала веројатност своите сајтови да ги направат прилагодливи кон Експлорер.

Интересот за ИЕ сѐ почесто ослабуваше особено кога низ годините се појави нова и значително побрза конкуренција како „Фајрфокс“ на Мозила и „Хром“ на Гугл.

TRT Balkan / агенции
Популарни