Гугл претстави нови функции со вештачка интелигенција за андроид-уредите и својата нова линија на паметни телефони и уреди за носење.
„Џемини лајв“, мобилна алатка за разговор што им овозможува на корисниците да имаат бесплатни разговори со модел на вештачка интелигенција, ќе ги претвори мобилните уреди во моќен асистент со вештачка интелигенција, објави компанијата на својот блог.
„Со Џемини длабоко интегриран во Андроид, ние го обновуваме оперативниот систем со вештачка интелигенција во сржта и редефинираме што можат телефоните да направат“, рече претседателот на андроид-екосистемот Самир Самат.
„Целосно го обновивме асистентското искуство со Џемини за да можете да зборувате со него природно, како што би разговарале со друга личност. Тој може да ја разбере вашата намера, да го следи вашиот циклус на мисли и да заврши сложени задачи“, додаде тој.
Џемини лајв стана достапен од вчера за напредните претплатници на англиски јазик на андроид-телефоните, а ќе се прошири на оперативниот систем на Епл, иОС, и на повеќе јазици во наредните недели.
Во меѓувреме, Епл се очекува да лансира сопствена вештачка интелигенција, Епл интелиџенс на Ајфон, Ајпад и Мак кон крајот на оваа година.
Исто така, Гугл ја претстави својата најнова линија на паметни телефони Пиксел- Пиксел 9, Пиксел 9 Про, Пиксел 9 Про ХЛ и Пиксел 9 Про Фолд- кои доаѓаат со функциите за вештачка интелигенција на Џемини.
Технолошката компанија, исто така, го претстави својот најнов паметен часовник, Пиксел Вотч 3 и Пиксел Будс Про 2 на настанот „Мејд бај Гугл“ што се одржа во седиштето на компанијата во Маунтаин Вју, Калифорнија.