Иако се сметаше дека годинава ќе има тивка сезона на тропски бури, по налетот на ураганот Ијан тоа нагло се промени. Ураганот стигна до јачина од категорија 4 и го погоди брегот на Флорида. Иако најчесто се говори за категоријата на ураганот, која се одредува според неговата постојана брзина на ветрот, за силината улога играат и други фактори, како правец на движење, притисок, количина, итн.
Категоријата на ураганите се одредува според Сафир-Симпсонова скала која има оценка од 1 до 5 за интензитетот на постојаните ветрови и можната штета што може да ја предизвикаат.
Во категоријата 1 и 2 брзината на ураганот достигнува од 120 до 180 километри на час, при што може да се очекуваат помали оштетувања на кровните конструкции на домовите и откорнување на стари дрвја.
Веќе во категоријата 3 ураганот достигнува брзини од 210 километри на час и може да се очекуваат огромни материјални штети, пречки во снабдувањето со вода и струја кои можат да траат неколку денови до недела, а и подобро изградените куќи ќе претрпат поголеми штети.
Во четвртата категоријата се сместени ураганите со брзина на ветровите од 220 до 250 километри на час и предизвикува катастрофални штети.
Петтата категорија на урагани се карактеризира со брзина на ветрот од најмалку 250 километри на час, пропратена со силен атмосферски притисок и огромна разорна моќ. Според категоризацијата пределите погодени од ваков ураган може со месеци да не се погодни за живеење.
Најсилните урагани во поновата историја на САД се Катрина ураганот кој го погоди Њу Орлеанс со над 1.000 жртви, а останатите урагани од категорија 4 и 5 како Харви, Мичел и Ендрју однесоа по најмалку 100 жртви и предизвикаа материјални штети кои се проценуваат на над 500 милијарди американски долари.
Во САД речиси секогаш без исклучок се погодени сојузните држави Флорида, Тексас и Луизијана, а само еден ураган од категорија 4 ја погодил Јужна Каролина. Во Атлантикот исто така има повеќе земји кои се чести жртви на урагани.
Кои се најсмртоносните урагани досега?
Трите најголеми и најсмртоносни урагани во историјата се ураганот што ги погодил карипските острови Мартиник, Барбадос, и Сент Еустатиус и кој зад себе оставил над 22,000 жртви во 1780 година, потоа големиот ураган што го погодил Галванстон во Тексас во 1900 година со проценка дека имало меѓу 8 и 12 илјади жртви, како и ураганот Мич кој го погоди Барбадос во 1998 година одземајќи над 11.000 жртви.
На листата на најсмртоносни урагани од кога постојат податоци за следење на силните атлантски бури, дури девет од нив со по над 1.000 жртви при секој ураган, удриле на брегот на Соединетите Американски Држави.
Хаити, Куба, Хондурас и Доминиканска Република исто така имаат претрпено по најмалку три силни урагани со непроценливи штети низ историјата.
Земји со најмногу смртоносни урагани
Земја Број на урагани
САД 9 урагани
Куба 5 урагани
Мартиник 5 урагани
Хондурас 4 урагани
Доминиканска Република 3 урагани
Хаити 3 урагани
Порто Рико 2 урагани
Барбадос 2 урагани
Јамајка 2 урагани