Мора итно да ја намалиме потрошувачката на фосилни горива, предупредуваат научниците / Photo: AP

Концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата минатата година достигна рекордно ниво, објави во средата Светската метеоролошка организација (СМО), предупредувајќи дека на овој тренд не му се гледа крајот.

Предупредувањето доаѓа неколку недели пред светските лидери да се соберат во Дубаи на годишната климатска конференција на ОН ЦОП28, каде владите ќе бараат поголема климатска акција, вклучително и можна забрана на фосилните горива пред 2050 година.

Во 2022 година, глобалните просечни концентрации на јаглерод диоксид за прв пат беа целосно 50 отсто над прединдустриските нивоа, објави Метеоролошката агенција на ОН.

„И покрај децениските предупредувања од научната заедница, илјадниците страници со извештаи и десетици конференции за климата, ние сè уште одиме во погрешна насока“, изјави генералниот секретар на СМО, Петери Талас.

Талас рече дека повисоките концентрации на стакленички гасови ќе бидат придружени со поекстремни временски настани, вклучувајќи интензивна топлина и врнежи, топење на мразот, повисоки нивоа на морето, како и затоплување и закиселување на океаните.

„Околу половина од планетата се соочува со зголемување на поплавите, а една третина од планетата се соочува со зголемување на суши“, рече Таалас.

„И овој негативен тренд ќе продолжи до 2060-те“, додаде тој.

„Мора итно да ја намалиме потрошувачката на фосилни горива“, рече тој.

Концентрациите на метан во атмосфератаисто така се зголемија, а нивоата на азотен оксид, уште еден стакленички гас, го забележаа своето најголемо зголемување од година во година помеѓу 2021 и 2022 година, соопшти СМО.

Стакленичките гасови се одговорни за затоплување на планетата и предизвикување екстремни временски настани.

„За разлика од емисиите што може да се намалат, голем дел од јаглерод диоксидот испуштен пред неколку децении останува во атмосферата и ги активира бавните процеси како што е порастот на нивото на морето.

Потребни се илјадници години за јаглеродот да се отстрани од системот откако ќе се ослободи во атмосферата“, рече Талас.

Во посебен извештај на ОН објавен во вторникот се вели дека владите не постигнуваат доволно напредок во намалувањето на емисиите на стакленички гасови за да ги спречат најлошите ефекти од глобалното затоплување.

TRT Balkan / агенции
Популарни