Советот на Европската унија усвои нови правила за намалување на потрошувачката на финална енергија за 11,7 отсто во 2030 година, а дел од нив ќе го олеснат животот на возачите на електрични возила, како дел од таканаречениот пакет иницијативи „Fit for 55“ насочени кон намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 проценти пред 2030 година.
Намалувањето на употребата на фосилни горива во транспортот е клучно ако ЕУ сака да постигне климатска неутралност до 2050 година. За да се постигне оваа цел, треба да има доволно полначи и точки за полнење алтернативно гориво за автомобилите, авионите и бродовите во ЕУ.
Тоа значи дека во 2030 година земјите-членки колективно треба да потрошат енергија еквивалентна на 763 милиони тони нафта, наместо 993 милиони тони предвидени со проценките од 2020 година.
Регулативата за инфраструктурата за алтернативни горива - дел од Fit for 55, го конкретизира распоредот на таква инфраструктура во ЕУ во наредните години.
Според новиот закон, брзи полначи од најмалку 150 киловати за автомобили и комбиња мора да се инсталираат до 2025 година на секои најмалку 60 километри долж најважните патишта што ги поврзуваат големите градови на унијата познати како „Трансевропска транспортна мрежа (TЕН-T)“.
Регулативата наведува дека станиците за полнење инсталирани долж TЕН-T ќе треба да испорачаат вкупна моќност од најмалку 400 киловати до крајот на 2025 година, или барем едно место за полнење што може поединечно да испорача најмалку 150 киловати.
До крајот на 2027 година, вкупната потребна моќност ќе се зголеми на 600 киловати за станицата, додека индивидуалната моќност од најмалку 150 киловати ќе остане непроменета.
Со други зборови, ниските брзини на полнење би требало да станат минато, за разлика од сегашната ситуација каде што одредена станица може да се рекламира дека испорачува 300 киловати, но тоа го дели на пет или шест индивидуални полначи, намалувајќи го излезна моќност на возилото до само 50 киловати ако сите полначи се користат истовремено.
Законот предвидува станици за полнење со водород најмалку на секои 200 километри на главните патишта до крајот на 2030 година и барем една станица за полнење во секој урбан јазол. Секоја станица треба да има дизајниран капацитет да обезбеди 1 тон водород дневно со притисок од 700 бари.
Освен станици за полнење на водород, се иницира и изградба на станици на кои возилата ќе може да наполнат метан како погонско гориво, но не е прецизиран нивниот распоред ниту број.