Ревизорите стравуваат дека зголемувањето на ветерниците може да биде штетно за морската средина, како над морското ниво, така и под морето / Photo: Reuters

Забрзаното инсталирање на ветерни електрани на морињата во Европската унија отвора „зелена дилема“ бидејќи ублажувањето на климатските промени преку „сината енергија“, во која блокот вложи 17 милијарди евра за 15 години, може да биде во конфликт со зачувувањето на природата, предупреди Европскиот суд на ревизори(ЕЦА).

„Развојот на обновливите извори на енергија од морињата во Европа дава двосмислени резултати“, предупредува Европскиот суд на ревизори во извештајот објавен во понеделникот.

Дејствувањето и парите на ЕУ придонесоа за развој на „сината енергија“ во остварување на климатските и енергетските цели на блокот.

„Но ЕУ може да не ги исполни своите амбиции, велат ревизорите, бидејќи треба да се преземе многу повеќе за да се направи обновливата морска енергија социо-економски и еколошки одржлива“.

Сината енергија има за цел значително да придонесе за зелените цели на ЕУ.

Во 2020 година, Европската комисија ја усвои својата стратегија за поддршка на одржливиот развој на обновлива енергија на морињата (ОРЕ) и искористување на нејзиниот целосен потенцијал.

Од 2007 година, буџетот на ЕУ обезбеди 2,3 милијарди евра за технологии за ОРЕ. Дополнително, уште 14,4 милијарди евра заеми и инвестиции во капитал се обезбедени од Европската инвестициска банка.

Напливот на морски ветерници ја прави сопствената „зелена дилема“- ОРЕ е клучна за зелената транзиција на ЕУ, но нејзиниот развој може да ја оштети морската средина.

Додека стратегијата на ЕУ се обидува да ја усогласи ОРЕ со биолошката разновидност, Европската комисија не ги процени нејзините потенцијални ефекти врз животната средина, вклучително раселување на видовите и промени во структурата на населението, достапноста на храната или миграциските модели.

Севкупно, ревизорите стравуваат дека проширувањето на OРE во Европа може да биде штетно за морската средина, како над морското ниво, така и под морето.

„Руската инвазија на Украина ја истакна важноста на енергетската независност на ЕУ и нашите мориња може да бидат дел од решението“, рече Николаос Милионис, член на ЕЦА кој ја водеше ревизијата.

„Но, сината револуција на ЕУ не треба да се следи по секоја цена- ОРЕ не смеат да доведат до значителна социјална или еколошка штета“.

Обновливите извори на енергијата во морињата само ретко коегзистираат со други области на активност. Конкретно, конфликтите со рибарството остануваат во голема мера нерешени, а противењето на ОРЕ честопати повторно се појавува кога се оценуваат поединечни проекти.

Слично на тоа, земјите од ЕУ кои ги делат истите води ретко планираат заеднички проекти. Ова резултира со пропуштени можности за поефикасно користење на оскудниот морски простор. Згора на тоа, социо-економските импликации од развојот на ОРЕ не се проучени доволно детално.

Ревизорите, исто така, забележуваат дека ризиците за снабдувањето со критични суровини може да го забават ширењето на обновливата морска енергија во Европа. Во моментов, таквите материјали речиси целосно се снабдуваат од Кина, која исто така игра клучна улога во производството на трајни магнети за генераторите на турбините на ветер.

Зависноста на ЕУ може да создаде тесни грла, а ревизорите изразуваат загриженост за безбедноста на снабдувањето во услови на актуелни геополитички тензии.

Долгите национални процедури за издавање дозволи претставуваат уште една бариера. На пример, Франција има едно од најдолгите рокови за одобрување инсталации на ветерници на море, кои може да се развлечат и до 11 години.

Сепак, ЕУ постави за цел амбициозно ниво од 61 гига вати инсталирана моќност до 2030 година и 340 ГВ до 2050 година, во споредба со само 16 ГВ во моментов.

Затоа, ќе биде потребно брзо и големо ширење на инсталации за OРE во земјите на ЕУ, за што ќе биде потребен значителен морски простор и околу 800 милијарди евра, главно од приватни инвестиции.

Овие цели може да биде тешко да се постигнат, велат ревизорите.

Обновливите извори на енергија од морето може да се генерираат од ветер (преку фиксни и пловечки ветерници), океан (плима и бранови) и пловечки соларни технологии.

Во моментов, речиси целата обновлива морска енергија во ЕУ е генерирана од технологијата на ветер.

Германија има најголем капацитет од сите земји на ЕУ (8,1 ГВ на крајот на 2022 година, најмногу во Северното Море), по што следат Холандија (3,2 ГВ), Данска и Белгија (и двете со околу 2,3 ГВ).

TRT Balkan / агенции
Популарни