Европската комисија им препорача земјите-членки да го охрабрат враќањето на старите и користени мобилни телефони, таблети, лаптопи и полначи. Тоа според ЕК ќе придонесе за зајакнување на циркуларната економија.
Се проценува дека во фиоките на европските домаќинства има околу 700 милиони стари мобилни телефони. Мобилните телефони се полни со скапоцени материјали, кои се сметаат за критични суровини, како што се ретки метали, кобалт, индиум, тантал, галиум и благородни метали.
„Повеќе од 700 милиони стари мобилни телефони се во нашите фиоки, речиси два по глава на жител. Граѓаните не знаат што да прават со нив“, рече комесарот за животна средина Вирџинијус Синкевичиус.
Тој рече дека треба да се преземат чекори за полесно да се вратат тие уреди, да се поправат и да се рециклираат.
Меѓу другото, комисијата препорачува финансиски да се поттикне враќањето на овие мобилни телефони, да биде можно тие да се вратат по пошта, да се зголеми видливоста на местата за собирање на стари електронски уреди и на граѓаните да им се објасни како безбедно да ги избришат нивните податоци од тие уреди.
Преку својот Зелен план, ЕУ бара да се откаже од пристапот „земи-произведи-фрли“. И да се премине кон јаглеродно неутрална, еколошки одржлива, нетоксична и целосно циркуларната економија до 2050 година.