Повеќе од пет милијарди од проценетите 16 милијарди мобилни телефони во светот оваа година ќе станат отпад, проценија експертите и повикаа на поголемо рециклирање на материјалите што ги содржат овие уреди.     Фото: АА

Повеќе од пет милијарди од проценетите 16 милијарди мобилни телефони во светот оваа година ќе станат отпад, проценија експертите и повикаа на поголемо рециклирање на материјалите што ги содржат овие уреди.

Да се нанижат еден на друг, мобилните кои се надвор од употреба би достигнале висина од 50.000 километри или сто пати повеќе отколку што е висината на која се наоѓа Меѓународната вселенска станица, објави истражувачкиот конзорциум WEEE.

Иако содржат злато, бакар, сребро, паладиум и останати компоненти кои можат да се рециклираат, речиси сите тие уреди остануваат нерециклирани, се фрлаат или се палат, што нанесува значителна штета на околината и здравјето.

„Мобилните се меѓу електронските производи кои највеќе нѐ загрижуваат“, вели Паскал Лерој, главен директор на WEEE, непрофитниот сојуз на организации за управување со електронски отпад.

Паскал истакнува дека доколку не се рециклират ретките материјали кои ги содржат, ќе мора да се ископуваат во рудници во земјите како Кина и Конго.

Мобилните надвор од употреба се само врв од ледениот остров од речиси 45 милиони тони глобален електронски отпад кој не се рециклира.

Многу од овие пет милијарди мобилни телефони кои оваа година ќе се повлечат од циркулација нема да бидат рециклирани и ќе останат заборавени во фиоките, ормарите, гаражите во куќите и во претпријатијата.

Според истражувањето спроведено во шест европски земји од септември оваа година, во просечно европско семејство има околу пет килограми електронски отпад.

Анкетата покажа дека 46 отсто од домаќинствата чува мала електрична и електронска опрема бидејќи можеби ќе им затреба, 15 отсто се мислат да ги препродадат, а 13 отсто да ги задржи поради „сентиментална вредност“.

Со отпад да се извезува и знаење

„Се чини дека луѓето сфаќаат дека тие наизглед неважни предмети имаат голема вредност, а на глобално ниво претставуваат големо количество“, истакна Паскал Лерој.

Но електричниот отпад, никогаш нема доброволно да се собира бидеќи трошоците се високи. Затоа, легислативата е нужна, додава тој.

Овој месец Европскиот парламент усвои нов закон кој предвидува продавање на единствен полнач за сите нови паметни телефони, таблети и камери од 2024 година.

Се очекува дека тоа ќе заштеди најмалку 200 милиони евра и ќе го намали електронскиот отпад за неколку илјади тони секоја година. Благодарејќи на законодавството Европа собира многу повеќе електронски отпад отколку што тоа е вообичаено во останатите делови на светот.

Во Европа се собираат 50 до 55 отсто електричен отпад, а во земјите со пониски приходи помалку од пет отсто.

Во исто време илјадници тони електронски отпад од богатите земји се превезува на рециклажа во земјите во развој. А таму често недостасуваат средства за да таквиот отпад да се управува безбедно па опасните материи како живата или пластиката можат да ја контаминираат земјата, да ја загадат водата или да влезат во прехранбениот ланец.

„Ние во Европа поместивме планини“, вели Лерој и потенцира:

„Сега тоа знаење мораме да го извеземе во останатите делови од светот.“

TRT Balkan / агенции
Популарни