Најбогатиот човек на светот Илон Маск ќе ја повлече својата понуда да го преземе непрофитниот бизнис на Опен АИ за 97,4 милијарди долари, ако бордот на директори на калифорниската фирма „ја зачува мисијата на добротворната организација“ и ја запре нејзината трансформација во корпорација ориентирана кон профит.
Во денешниот поднесок до Окружниот суд на САД за северниот округ на Калифорнија се наведува дека понудата на Маск за купување на непрофитната организација Опен АИ е „сериозна“, но дека тој е подготвен да се повлече од неа ако компанијата продолжи да ја одржува својата оригинална непрофитна стратегија.
Компанијата за развој на вештачка интелигенција Опен AИ со седиште во Калифорнија е основана во 2015 година како непрофитна организација, а Маск беше еден од нејзините ко-основачи.
Компанијата создаде филијала за „ограничена добивка“ во 2019 година по заминувањето на Маск, но непрофитниот оддел Опен AИ останува единствениот контролен акционер на целата групација.
Опен АИ моментално е во процес на преструктуирање во традиционална компанија ориентирана кон профит, а Илон Маск, според неговите зборови, сака да го запре целиот процес, што го смета за предавство на нејзините оригинални принципи.
„Ја дизајниравме структурата на Опен AИ - партнерство помеѓу нашата оригинална непрофитна организација и новата група со ограничена добивка - како рамка за мисијата на Oпен АИ: да изгради вештачка општа интелигенција (АГИ) која е безбедна и има корист за целото човештво“, се наведува на веб-страницата на компанијата.
Од компанијата нагласуваат дека уште од почетокот било јасно дека за проектот ќе треба многу капитал и набрзо станало јасно дека донациите нема да бидат доволни, па најавиле формирање на профитна организација која ќе ги оствари првичните цели.
Група инвеститори предводена од Илон Маск пред неколку дена понуди околу 97,4 милијарди долари за купување на OпенАИ, со што ескалира правниот спор.
Извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман брзо ја отфрли понудата на социјалната платформа Х на Маск.
Маск и Алтман, кои помогнаа во лансирањето на ОпенАИ заедно во 2015 година и подоцна се натпреваруваа околу тоа кој треба да го води, беа во долготрајна расправија околу насоката на стартапот откако Маск поднесе оставка од одборот во 2018 година.
Маск, ран инвеститор и член на управниот одбор на ОпенАИ, ја тужеше компанијата минатата година, прво пред државниот суд во Калифорнија, а подоцна и пред федералниот суд, тврдејќи дека не ги исполнила нејзините основачки цели како непрофитна истражувачка лабораторија во корист на јавното добро.
Адвокатоте на Маск, Марк Тобероф изјави дека Маск, како ко-основач на OпенAИ и успешен технолошки лидер, е „личноста најдобро позиционирана да ја заштити и развие технологијата на OпенAИ“.
Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп најави огромен инфраструктурен проект од 500 милијарди долари наречен „Ѕвездена порта“. Главните имиња, вклучувајќи ги Софтбанк, OпенАИ и Оракл, планираат да ги здружат силите за да изградат центри за податоци во САД за понатамошен развој на вештачката интелигенција.