Научниците конечно успеаја да го следат движењето на микропластиката низ телата на глувците во живо. Овие ситни честички, проголтани од имуноклетките, патуваат понатаму низ крвотокот и на крајот се заглавуваат во крвните садови во мозокот. Не е јасно дали слична опструкција се јавува кај луѓето, велат истражувачите, но микропластиката влијаела на движењето на глувците.
Микропластиката се ситни пластични честички, помали од пет милиметри, кои се наоѓаат насекаде, од најдлабоките делови на океанот до мразот на Антарктикот.
Тие се во воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и храната што ја јадеме. Тие дури можат директно да влезат во нашиот крвоток.
Претходните студии веќе покажаа дека микропластиката и помалите нанопластики навлегле во човечкиот мозок, црн дроб, бубрези... но научниците само што почнуваат да разбираат што ќе се случи понатаму со нив и какво влијание имаат врз човековото здравје.
Заклучокот од една студија минатата година, на пример, беше дека луѓето со микропластика и нанопластика во масното ткиво имале поголем ризик од мозочни и срцеви удари.
Во најновата студија, објавена во Science Advances, Хаипенг Хуанг, биомедицински истражувач на Универзитетот во Пекинг, и неговите колеги се обидоа подобро да разберат како микропластиката влијае на мозокот.
Тие користеа техника на флуоресцентно скенирање наречена минијатурна двофотонска микроскопија за подобро да видат што се случува во мозокот на глувчето.
„Техниката овозможува следење на микропластиката додека се движи низ крвотокот. Тоа е многу интересно и многу ни помага“, вели Елиен Ел Хајек, истражувач на Универзитетот во Ново Мексико во Албакерки.
Научниците на глувците им дале вода со флуоресцентни сфери од полистирен, кој широко се користи во производството. Околу три часа подоцна, се појавија флуоресцентни клетки. Студијата покажала дека имуните клетки ја проголтале пластиката и дека таа останала заробена во малите крвни садови во кората на мозокот. Понекогаш имаше акумулација на овие клетки со микропластика, што правеше да изгледа како „судир на автомобили во крвните садови“, додаде Хуанг.
Некои од блокадите се расчистиле со текот на времето, додека други опстојуваа околу четири недели, колку што беа следени.
Овие блокади се однесуваат слично како згрутчувањето на крвта, додаваат научниците.
Откриле и дека микропластиката го намалува протокот на крв низ мозокот, а им била намалена и подвижноста.
Хуанг забележал слични опструкции во срцето и црниот дроб на глувците, но резултатите од тие студии сè уште не се објавени.
Микропластиката неодамна е откриена и во човечката крв и во мајчиното млеко, што покажува до кој степен микропластиката ги контаминирала човечките тела.
Какви последици тоа ќе има врз здравјето сѐ уште не е познато, но се покажа дека микропластичните честички предизвикуваат оштетување на човечките клетки во лабораторија.