Индија, една од земјите со најголеми стапки на аерозагадување и зголемена побарувачка за енергија за потребите на економијата во развој, преку иновативните решенија на стартапите за чиста енергија ќе ги остварува зацртаните климатски и енергетски цели.
Индија постепено го одвојува економскиот раст од загадувањето со стакленички гасови. Нејзина цел е да постигне нула нето емисии до 2070 година, додека пак краткорочните цели до 2030 година вклучуваат дополнителни 500 гигавати обновлива енергија. Со нив ќе треба да се задоволат 50% од потребите за енергија за намалување на проектираните емисии на јаглерод за една милијарди тони и намалување на интензитетот од загадувањето во бруто домашниот производ (БДП) за 45%.
Во изминатите години се појавија многу стартапи кои нудат решенија за различни проблеми во животната средина.
Еден од нив е „Алое Исел“ (Aloe E-cell). Компанијата, лоцирана во северната провинција Раџастан, се справува со проблемот на растечки електричен отпад преку креирање на првата билна батерија во светот од алое вера.
Компанијата тврди дека може да обезбеди 100% еколошка, неотровна, неопасна батерија користејќи сочни растителни видови.
Покрај тоа, компанијата развива механизам кој поттикнува собирање на батериите со алое вера за нивно рециклирање во ѓубрива од билката.
Еколошки решенија
Според „Алое Исел“ над 90% од батериите во домаќинствата не се рециклираат. Заедно со производството на еколошки батерии, стартапот ќе го следи и рециклирањето на сите употребени батерии.
Стартапот е основа од Нимиша Варма и Навиин Суман во 2018 година кои биле поттикнати од податоците за е-отпадот и загадувањето од батериите, работејќи на систем за управување со отпад. Компанијата открива дека тестирала 21 вид на биоматеријали за да создаде еколошка батерија и дека алоето дало најдобри резултати.
„Ќе биде потребно извесно време за нашиот производ да се пробие на пазарот, но сигурни сме дека со постојаното зголемување на бројот на општествено одговорни потрошувачи, нашата батерија ќе најде место не само на индискиот пазар, туку и на меѓународниот пазар“, вели Варма.
Според младите претприемачи, постоечките батерии продолжуваат да го зголемуваат загадувањето на воздухот, водата и почвата преку токсичноста на тешките метали, лужењето на металите и емисијата на отровни гасови во текот на нивните производни процеси.
Но, „Алое Исел“ не е единствен стартап, други иноватори работат на решенија за справување со тешкиот проблем на аерозагадувањето.
Загадување на воздухот
Загадувањето, вклучувајќи го и загадувањето на воздухот, е многу голем проблем во Индија. „Загадувањето на воздухот доведе до околу 1,6 милиони смртни случаи во земјата во 2019 година, повеќето од нив предизвикани од загадување со честички ПМ 2,5“, се вели во извештајот на Комисијата за загадување и здравје „Лансет“ објавен во мај годинава. Од 30-те најзагадени градови во светот дури 21 се од Индија.
На почетокот на 2019 година, поради зголемената загриженост за аерозагадувањето, беше лансирана „Националната програма за чист воздух“ (НЦАП) и беше одлучено да се разработат стратегии со конкретни рокови кои ќе имаат долгорочни промени.
Проблемите со напојување на електричната мрежа во повеќето градови создаде зависност од алтернативни извори на енергија со што се зголеми употребата на генератори кои работат на дизел, а кои придонесуваат за речиси една петтина во изворите на загадувањето на воздухот.
Врз основа на упатствата издадени од индискиот Централен одбор за контрола на загадувањето, организација под Министерството за животна средина, шуми и климатски промени, тим од квалификувани инженери и иноватори од Индискиот институт за технологија - Делхи (ИИТ) смислија иновативен производ познат како „Чакр Шилд“ (Chakr Shield). Со овој уред за контрола на загадувањето за над 70% се намалува емисијата на ПМ честички од генераторите без да предизвика механички проблеми на моторот.
Арпит Дупар, Кушагра Сривастава и Пратиик Сача од Делхи институтот го формираа „Чакр иновејшн“ (Chakr Innovation) стартапот кој ја користи оваа технологија за претворање на саѓите од дизел горивото во мастило и боја.
Сривастава, кој е главен извршен директор „Чакр иновејшн“, е основач со успешно искуство во инкубирање на иновативни технолошки идеи и пронајдоци за справување со последиците врз животната средина.
„Така се добива решение со кое гасот се претвора во боја или мастило кои може да се употребат за различни намени, како на пример во текстилната или печатарската индустрија“, вели Дупар.
Општество отпорно на климатските промени
Зборувајќи за овој тренд, екологистот Ранџан К. Панда изјави дека „многу стартапи вршат одлична работа. Тие навистина можат да донесат мали промени во нивните држави“.
„Гледаме промени во пристапот на луѓето кон начинот на живот и однесувањето. Многу од стартапите работат на систематска одговорност. Ако некој работи на мониторинг на квалитетот на воздухот, тогаш и тој помага на некој начин“, вели Панда.
„Ако еколошките стартапи се промовираат во вистинска смисла, тогаш може да се изгради еколошки свесно и општество отпорно на климатските промени. Младите чија иднина е загрозена се вклучени во овие стартапи, и тоа е многу позитивна слика“, додава Панда.