Мерк, една од водечките светски научни и технолошки компании, му ја додели наградата Поглед во иднината 2022 година во категоријата „Енергија“ на Тобијас Ерб, директор на германскиот Институт за микробиологија Макс Планк за претворање на јаглерод диоксид во гориво.
Наградата од еден милион евра е доделена на научната конференција „Љубопитни 2022- Поглед во иднината“ во Дармштад, Германија.
Наградата е доделена за иновативните решенија на Ерб кои овозможуваат претворање на јаглерод диоксид во корисни хемиски производи, кои можат да се користат како суровина за гориво.
Проектот на Тобијас Ерб покажа дека ЦО2 може директно да се претвори во пентадекан, главната компонента на дизел горивото, како и во поликетид кој делува како прекурсор на антибиотиците.
Користејќи синтетичка биологија, неговиот тим и открива и комбинира биокатализатори за да овозможи поефикасна фиксација на јаглерод диоксид.
„Тобијас Ерб успеа да ја редизајнира фотосинтезата, со цел да му овозможи на човештвото претворање на јаглерод диоксидот во корисни производи“, рече извршната директорка на Мерк, Белен Гаријо.
Ерб рече дека неговото истражување во лабораторијата ги спојува биологијата и хемијата и се фокусира на откривање и инженеринг на нови ензими кои го претвораат јаглерод диоксидот и неговата понатамошна употреба во вештачката фотосинтеза.
„Оваа година видовме како научен тим ја искористи инспирацијата од природата, од начинот на кој растенијата и микробите го претвораат јаглерод диоксидот во енергија, што може да доведе до одржливо гориво во иднината што може да ги задоволи нашите растечки енергетски потреби“, рече Ина Булат, директорка на компанијата Мерк за Југоисточна Европа.
Користејќи го пристапот „метаболичка ретросинтеза“, истражувачкиот тим на Ерб дизајнираше и имплементираше вештачки патишта за фиксирање на ЦО2 кои се поефикасни од природната фотосинтеза, се вели во соопштението.
Тимот научници моментално се фокусира на имплементација на овие синтетички патишта во живите клетки.
Атмосферскиот јаглерод диоксид е главниот извор на јаглерод за живот на Земјата.
Поради човечките активности, концентрацијата на јаглерод диоксид во земјината атмосфера е зголемена и во моментов околу половина од јаглеродниот диоксид ослободен од согорувањето на фосилните горива останува во атмосферата и не се апсорбира од вегетацијата или океаните.
Зголемувањето на атмосферските концентрации на јаглерод диоксид и други долготрајни стакленички гасови ја зголеми нивната апсорпција и емисија на инфрацрвено зрачење, предизвикувајќи зголемување на просечната глобална температура од средината на 20 век.