Интензивниот сигнал, наречен ФРБ 20220610A беше откриен на 10 јуни 2022 година и стигна до Земјата откако патуваше осум милијарди светлосни години / Photo: NASAHubble

Астрономите го следеа еден од најмоќните и најоддалечените брзи радио бранови што некогаш биле откриени и го пронашле неговиот извор - ретка група од галаксии кои изгледаат како дамка.

Ова откритие би можело да придонесе за разјаснување на причината за мистериозните моќни ослободувања на радио бранови, кои со години ги збунуваат научниците.

Станува збор за една од најфасцинантните мистерии во универзумот и станува збор за екстремно моќни сигнали, од кои некои ослободуваат повеќе енергија од 500 милиони сонца, а траат помалку од трепнување на окото.

Интензивниот сигнал, наречен ФРБ 20220610A, првпат беше откриен на 10 јуни 2022 година и стигна до Земјата откако патуваше осум милијарди светлосни години.

Една од најважните карактеристики на овие сигнали е тоа што тие се краткотрајни и непредвидливи. Тие обично се појавуваат ненадејно на некој дел од небото и траат само неколку милисекунди.

ФРБ 20220610A траеше помалку од една милисекунда, но беше четири пати помоќен од претходно откриените сигнали. За време на краткиот излет, тој ослободи енергија колку што ослободува Сонцето за 30 години.

Небесна дамка

Користејќи ги податоците од радио телескопот Square Kilometer Array Pathfinder во Западна Австралија и Големиот телескоп во Чиле, научниците успеаја да утврдат од каде потекнува овој моќен радио блесок.

Нејзиниот извор беше огромна „небесна дамка“, за која првично се мислеше дека е неправилна галаксија или група од три галаксии.

Астрономите заклучија дека всушност станува збор за група од најмалку седум галаксии, кои се толку блиску една до друга што сите би можеле да се вклопат во Млечниот Пат. Научниците веруваат дека оваа необична група галаксии е во интеракција или можеби е во процес на спојување.

„Оваа група галаксии, позната како компактно јато, е навистина исклучителна и е меѓу најгустите галактички структури што сме ги забележале досега“, рече коавтор на студијата, астрономот Вен Фаи Фонг од Универзитетот Нортвестерн во САД.

Со оглед на интеракцијата помеѓу галаксиите, може да има експлозија на формирање на ѕвезди, што може да биде поврзано со појавата на брзи бранови. Иако астрономите досега откриле речиси 1.000 брзи рафали на радио бранови, сè уште не е целосно јасно што ги предизвикува.

Научниците веруваат дека нивниот најверојатен извор се компактните објекти во вселената, како што се црните дупки или неутронските ѕвезди - магнетарите, пишува Си Ен Ен.

Магнетар е неутронска ѕвезда со исклучително силно магнетно поле, чие распаѓање стимулира емисија на огромно количество високоенергетско електромагнетно зрачење, особено Икс и Гама зраци.

Неутронските ѕвезди се колабирани јадра на масивни ѕвезди кои го завршиле својот живот и го исфрлиле најголемиот дел од нивниот материјал во вселената. Останатите јадра се сепак помасивни од Сонцето (најчесто меѓу 1,38 и 2,1 соларна маса), но се исклучително мали, со пречник од само околу 20 километри.

TRT Balkan / агенции
Популарни