Ја освојува вселената со Спејс Екс, го менува светот на автомобилската индустрија со Тесла, го купи Твитер обидувајќи се да ја смени од корен социјалната мрежа, но најбогатиот човек на светот Илон Маск има и други амбиции и сака да „ѕирне“ и во човечкиот мозок. Сепак, пред да го стори тоа, се обидува да погледне во мозокот на животните што беше причина за покренување истрага.
Неговата компанија Неуралинк (Neuralink) e во фокусот на јавноста откако беше објавено дека е под федерална истрага за нејзината програма за тестирање животни во обид да развие мозочен чип што ќе им овозможи на парализираните луѓе да одат, а на слепите да гледаат. Федералната истрага била отворена во последните месеци од Генералниот инспектор на Министерството за земјоделство на САД на барање на федералниот обвинител. Истрагата се фокусира на прекршување на Законот за благосостојба на животните, кој регулира како истражувачите третираат и тестираат некои животни.
Во продолжение ви даваме преглед на пет најзначајни факти за Неуралинк и што всушност развива оваа компанија за мозочни чипови.
Основана во 2016 година
Компанијата Неуралинк е основана во 2016 година од Маск и група инженери. Целта е да се изгради интерфејс за мозочен чип што може да се вгради во черепот на луѓето, за кој се вели дека на крајот може да им помогне на пациентите со хендикеп повторно да се движат и да комуницираат, а исто така и да го обнови видот.
Со мислите ќе се контролира компјутер
Уредот на Неуралинк има чип кој ги обработува и пренесува нервните сигнали кои би можеле да се пренесат на уреди како компјутер или телефон.
Компанијата се надева дека едно лице потенцијално ќе може со своите мисли да контролира глувче, тастатура или други функции на компјутерот, како што се текстуални пораки
„Првиот производ @Neuralink ќе му овозможи на некој со парализа да користи паметен телефон со умот побрзо отколку некој што ги користи палците“, рече Маск во април 2021 година.
Лекување на Алцхајмер
Инжинерите од Неуралинк веруваат дека нивниот уред на крајот ќе може да ја врати нервната активност во телото, дозволувајќи им на оние со повреди на 'рбетниот мозок да ги движат екстремитетите. Компанијата со седиште во Сан Франциско и Остин, исто така, се стреми да излечи невролошки состојби како што се Алцхајмерова болест и деменција.
Тестирање врз животни
Неуралинк објави дека има неколку примери на успешно тестирање на одредени аспекти на својата технологија врз животни. Дел од овие тестирања беше и видеото од 2021 година на кое се гледа како мал мајмун игра едноставна видео игра откако му бил вграден мозочен чип. Во видео презентација минатата недела, компанијата покажа подобрувања во брзината и можностите на чипот.
Клинички испитувања на луѓе
Неуралинк допрва треба да обезбеди одобрение од американските регулаторни тела за да почне со испитувања на луѓе. Компанијата ги пропушти јавно наведените рокови на Маск да се започне со испитувања на луѓе и оваа година ја поднесе својата апликација до Управата за храна и лекови за да ги почне тестирањата. Маск минатата недела рече дека верува оти Неуралинк може да започне клинички испитувања на луѓе за шест месеци.