Успехот е неизвесен, но возбудата е загарантирана!, напиша извршниот директор на Спејс X“, Илон Маск, на платформата Х / Photo: Reuters

Последнoто тестирање на ракетата „Старшип 7“ на компанијата „Спејс Х“ заврши со неуспех, откако леталото се распадна неколку минути по лансирањето од американската сојузна држава Тексас, а делови од ракетата паднаа во Атлантскиот Океан, во близина на островите Туркс и Каикос.

Комуникацијата со ракетата беше прекината 8 и пол минути по нејзиниот лет без екипаж вчера.

„Изгубивме целосна комуникација со леталото, што значи дека имавме аномалија со горниот степен“, изјави портпаролот на „Спејс Х“, Дан Хуот, кој подоцна потврди дека леталото е уништено.

„Успехот е неизвесен, но возбудата е загарантирана!“, напиша извршниот директор на „Спејс Х“, Илон Маск, на платформата Х.

Хуот подоцна изјави дека експлозијата најверојатно е резултат на „протекување на кислород/гориво“, додавајќи дека компанијата ќе преземе корективни мерки.

Според него, моторите на леталото се исклучувале еден по еден.

„Старшип доживеа брзо неконтролирано распаѓање за време на полетувањето. Тимовите ќе продолжат со анализа на податоците од денешниот тестирачки лет за подобро да ја разберат основната причина“, соопшти компанијата на платформата Х.

Во соопштението беше наведено: „Со вакви тестови, успехот се состои во тоа што учиме, а денешниот лет ќе ни помогне да ја подобриме сигурноста на Старшип.“

Успех за конкурентот „Блу Ориџин“

Ракетата беше предвидено да прелета над Мексиканскиот Залив во речиси глобална орбитална патека, слична на претходните тестирачки летови. На леталото се наоѓаа 10 тестирачки сателити за вежбање на нивно распоредување, што претставуваше прв лет на надградениот модел.

И покрај неуспехот на „Старшип“, првиот степен на ракетата, наречен „Супер Хеви Бустер“, кој е дизајниран за да обезбеди моќен потисок, успешно се врати на платформата за лансирање, што предизвика еуфорија кај тимот за контрола на летот.

Американската Федерална авијација (ФАА) соопшти дека летовите на аеродромите во Мајами и Форт Лодердејл-Холивуд на Флорида биле одложени до еден час поради „аномалија при лансирањето на ракетата“.

Во ист ден, пред лансирањето на „СпејсЕкс“, ракетата „Њу Глен“ на конкурентската компанија „Блу Ориџин“ го оствари својот прв орбитален лет, што претставува значителен успех во комерцијалната вселенска трка и триумф за Џеф Безос, сопственикот на компанијата и извршен директор на „Амазон“.

Иако „Спејс Х“ доминира во орбиталните лансирања со својата ракета „Фалкон 9“, обезбедувајќи договори со НАСА, Пентагон и приватни компании, „Блу Ориџин“ досега беше ограничена на суборбитални летови со својата помала ракета „Њу Шепард“.

Маск му честиташе на Безос за успешното лансирање. Безос, пак, возврати неколку часа подоцна, пишувајќи на платформата Х: „Среќно денес, @elonmusk и целиот тим на 'СпејсХ'!“

TRT Balkan / агенции
Популарни