Индиската организација за вселенско истражување (ISRO) денеска ја лансира „Викрам-С“, првата приватно развиена ракета во земјата, во суборбитална мисија. Ракетата го доби името по Викрам Сарабхаи, пионерот на индиската вселенска програма.
„Лансирањето на првата ракета „Викрам-С“ започна во 11:30 часот (0600 GMT) од Вселенскиот центар „Сатиш Даван“, Андра Прадеш. Ракетата е именувана така во знак на почит на таткото на индиската вселенска програма, покојниот Викрам Сарабхаи“, се вели во официјалното соопштение.
„Мисијата „Прарамбх“ е успешно завршена“, објави на Твитер ИСРО по лансирањето на „Викрам-С“.
Ракетата е развиена од индискиот стартап „Скајрот аероспејс“, а мисијата е наречена „Прарамбх“, што во превод значи добар почеток.
„„Викрам-С“, ракетата висока 6 метри, се искачи на височина од околу 81 километар по нејзиното лансирање од вселенскиот центар“, се вели во соопштението.
Ракетата „Викрам-С“ носеше двајца индиски и еден странски клиент.
„Ракетата-носач е опремена со телеметрија, трасирање, GPS, вградена камера, собирање податоци и системи за напојување“, се додава.
„Скајрот“ беше првиот стартап кој потпиша документ со Индиската организација за вселенско истражување за лансирање на свои ракети.