Од минатото на НАСА до погледот кон ѕвездите во видливиот универзум, телескопот Џејмс Веб е симбол на напорите на научниците за нови откритија, но и балансирање меѓу националните вселенски програми. Речиси нема човек што не ги виде првите импресивни слики кои ги испрати телескопот Џејмс Веб, со пулсирачки светла на ѕвезди и галаксии од самите почетоци на формирање на нашиот универзум, но сигурно малкумина знаат зошто овој телескоп е именуван токму Џејмс Веб.
Кој е Џејмс Веб?
Вселенскиот телескоп кој ја заменува мисијата на Хабл, своето име го добива според Џејмс Веб, поранешниот директор на НАСА, кој агенцијата ја водеше од нејзините професионални почетоци и за време на програмата Аполо, токму пред епохалното достигнување со слетувањето на човечки екипаж на Месечината.
Џемјс Веб е американски политичар, поранешен маринец и промотор на науката за која силно се залагал во зародишот на вселенската програма, иницирана пред се како последица на Студената војна и трката за вооружена доминација меѓу САД и СССР.
Хроничарите на НАСА му даваат посебна улога на Веб во историјата на вселенските истражувања, во мандатот од 1961 до 1968 година. Според записите, сведоштвата и актите кои ги носел Веб, негова главна заслуга е што најпрво НАСА ја добива првата професионална структура на вселенска државна агенција, како спој на различни научни институти под надзор на американскиот претседател.
„Иако претседателот Џон Кенеди ја обврза нацијата да слета човек на Месечината пред крајот на деценијата, Веб веруваше дека вселенската програма е повеќе од политичка трка. Тој веруваше дека НАСА мора да воспостави рамнотежа помеѓу човечкиот вселенски лет и науката, бидејќи таквата комбинација ќе послужи како катализатор за зајакнување на универзитетите и воздушната индустрија во нацијата“, пишува на сајтот на НАСА во делот каде се објаснува одлуката за именување на телескопот.
Во разговорите со Кенеди, поранешниот претседател на САД кој го даде фамозното ветување дека до крајот на шеесеттите години ќе го испратат првиот човек на Месечината, Веб го задржува ставот дека НАСА мора да ја развива науката. Потоа тие откритија ќе бидат од огромно значење за технолошкиот напредок, не само на САД, туку и за човештвото.
За Веб било исклучително важно да се развива НАСА во вистински правец, наместо да служи како тело исклучиво за развој на вселенски летала и ракетна технологија која ќе ја унапреди авијациската подготвеност на САД.
„Соодветно е наследникот на Хабл да биде именуван во чест на Џејмс Веб. Благодарение на неговите напори, ги добивме нашите први погледи на драматичниот пејзаж на вселената. Тој ја однесе нашата нација на нејзините први патувања за истражување, претворајќи ја нашата имагинација во реалност“, порача Шон О`Киф, поранешен администратор на НАСА при именувањето на телескопот.
Но, не сите во научната заедница се среќни за одлуката телескопот од идната генерација, кој ќе служи за научни истражувања и студии за наредните децении, да го носи неговото име.
Според сведочењата на одредени научници и историчари објавени во медиумите, Џејмс Веб уште во времето кога бил втор човек на Министерството за надворешни работи на САД во администрацијата на претседателот Труман, а подоцна и како прв човек на НАСА, поддржувал дискриминаторски политики против одреден дел на вработени.
Сепак, внатрешната ревизија на НАСА посочи дека Веб немал директни одлуки и прописи со кои може да се потврдат овие обвинувања, и одлучија засега телескпот да го задржи актуелното име иако имаше барања да се смени името.
Телескопот Џејмс Веб беше лансиран на 25 декември 2021 година, а од февруари орбитира околу точката Л2 - на 1,6 милиони километри од Земјата, испраќајќи импозантни слики од универзумот.