Со нова опрема во МАНУ, резултати од истражувања готови за еден ден / Photo: Прес-служба на Владата на РСМ

Со помош на најмодерна и најсофистицирана опрема за генетско испитување, резултатите од направените истражувања ќе бидат готови за еден ден, со што значително се подигнува квалитетот на работата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Ова беше истакнато денеска на презентацијата на новата апаратура за генетско испитување во МАНУ, како и на имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика“.

На настанот присуствуваа актуелниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за образование и наука Јетон Шакири.

Премиерот Ковачевски истакна дека со буџетска поддршка е помогната набавка на новата опрема за потребите на Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов”, вредна над 580 илјади евра. „Вложуваме во развојот на генетското инженерство, молекуларната биологија, но и ги следиме светските трендови и во однос на пандемијата со Ковид- 19. Опремата е во функција и на едукативната дејност во рамките на постдипломски студии, специјализации и докторски студии од областа на молекуларната биологија и генетското инженерство“, рече Ковачевски.

Дополнително, со употреба на опремата и со поддршка на Фондот за здравствено осигурување, излегуваме во пресрет на барањата на клиниките и на Академијата, со што од буџетот ќе се покриваат и две нови анализи за пациенти со ретки болести и за молекуларната дијагностика, додаде тој.

Со нова опрема во МАНУ, резултати од истражувања готови за еден ден Прес-служба на Владата на РСМ

Ковачевски истакна дека ги препознаваат вредностите на врвната научна установа и сите научни институции и затоа преземаат конкретни чекори за финансиска поддршка за нивен развој.

„Јас, заедно со министрите и со почитуваниот академик имавме можност да се запознаеме и со научните соработници кои работат со оваа нова опрема и кои што анализите кои ги прават се на истоветно ниво, врвно светско ниво како кога бис е правеле во Германија, Франција, Италија или било која друга развиена држава. Затоа, тие заслужуваат едно највисоко ниво на почит од државата, а особено од оние на кои им имаат помогнато во текот на здравствени предизвици кои ги имале во своите животи“, нагласи Ковачевски.

Министерот Меџити, изјави дека МАНУ и Министерството имаат тесна соработка во многу значајни области од медицината.

„Од голема важност за нашите пациенти е и можноста за дијагноза со секвенционирање на гени на наследни и малигни болести, меѓу кои и ретки болести во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите. Исто така, МАНУ секојдневно соработуваше со Министерството за здравство, со нашите здравствени установи и се вложи и научно и истражувачки, за време на кризата со Ковид-19“, подвлече министерот.

Академијата за здравствениот сектор, додаде тој, допринесува и помага во рана детекција на болестите, што за нив, лекарите, значи можност за побрза реакција во поглед на методите на лекување.

TRT Balkan / агенции
Популарни