Истражувачите реконструирале хидрауличен лифт систем за кој веруваат дека бил користен за изградба на пирамидата на египетскиот крал Џосер и дека водената моќ можела да се искористи за време на изградбата на една од најстарите познати пирамиди, стара речиси 4.700 години.
Најновото истражување на Хавиер Ландро од приватниот Истражувачки институт „Палеотехник“ од Париз и неговите колеги укажува дека античките архитекти во древниот Египет користеле хидрауличен систем за да ги подигнат огромните камени блокови што ја сочинувале пирамидата на кралот Џосер висока 62 метри, информираат од Science News.
„Со помош на контролирани текови на вода во внатрешноста на пирамидата, била подигана и спуштана платформа која ги префрлала камените блокови на повисоки нивоа“, објаснуваат истражувачите.
Египќаните подигнале камени блокови кои тежеле по 2.500 килограми, а пирамидите биле направени од милиони такви блокови.
Научниците запознаени со истражувањето сметаат дека е интригантно, но се скептични дека таков систем се користел во древниот Египет.
Тие наведуваат дека таков хидрауличен систем не можел да добие доволно вода од повремени дождови, според археологот Орен Сигел од Универзитетот во Торонто.
Друг египтолог, Камил Кураскиевич, истакнува дека езерото спомнато од Ландро како можен извор за напојување на системот никаде не се споменува во египетските списи и можеби никогаш не постоело.