Фјури, познат под прекарот „Крал на циганите“ во својата професионална кариера имаше 37 борби, во кои оствари 34 победи / Photo: Reuters

Британскиот боксер Тајсон Фјури, еден од најдобрите професионални боксери во светот на сите времиња денеска објави крај на кариерата.

Фјури (36) на Инстаграм објави видео во кое објави дека се пензионира.

„Поздрав до сите. Нека биде ова кратко и слатко. Би сакал да го објавам моето повлекување од боксот. Беше одлично и уживав во секоја минута. Ќе го завршам ова. „Дик Турпин“ ја носеше маската. Бог да ве благослови, да се видиме од другата страна“, рече Фјури.

„Дик Турпин“ е озлогласен англиски друмски разбојник, кој ограбувал трговци, па јасно е дека Фјури алудирал на фактот дека судиите му помогнале на Украинецот Александар Усик вторпат по ред да го победи на 22 декември лани во борбата за светски првак во тешка категорија во верзиите ВБА, ВБО и ИБО.

Фјури, кој беше познат под прекарот „Крал на циганите“, во својата професионална кариера имаше 37 борби, во кои оствари 34 победи, од кои 24 со нокаут, една нерешена и два порази, и двата од Усик.

TRT Balkan / агенции
Популарни