Надал преку видео порака на социјалните мрежи објави дека играчката кариера ќе ја заврши во финалето на Дејвис купот / Photo: Rafa Nadal Facebook

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал денеска соопшти дека одлучил да стави крај на својата играчка кариера на крајот од сезоната.

Надал преку видео порака на социјалните мрежи објави дека играчката кариера ќе ја заврши во финалето на Дејвис купот.

„Тука сум да ве информирам дека ставам крај на мојата професионална кариера. Реалноста е дека неколку тешки години се зад мене, особено последните две. Ова е секако тешка одлука, за која ми требаше одредено време да ја донесам. Но во животот има сè почеток и крај и мислам дека ова е вистинско време да се стави крај на кариерата која беше долга и многу поуспешна отколку што некогаш можев да замислам“, напиша Надал.

Финалниот турнир во Дејвис купот ќе се игра од 19 до 24 ноември во Малага.

„Многу сум возбуден што мојот последен турнир ќе биде финалето на Дејвис купот каде што ќе ја претставувам мојата земја. Мислам дека го завртив целиот круг, бидејќи еден од првите успеси во кариерата беше играњето во финалето на Дејвис купот во Севиља во 2004 година“, рече Надал.

Тој истакна дека е многу среќен поради работите кои ги доживеал во тенисот.

„Сакам да се заблагодарам на целата тениска индустрија. На сите кои се дел од овој спорт, на сите мои колеги, особено на моите најголеми ривали. Поминав многу часови со нив и доживеав многу моменти кои ќе ги паметам цел живот", додаде Надал.

Светските медиуми потсетуваат дека само Новак Ѓоковиќ од „големата тројка“ продолжи активно да игра тенис. Швајцарецот Роџер Федерер се повлече од тенисот пред две години.

Надал поради повреда и операција на колкот ја пропушти речиси цела минатата сезона, а на почетокот на оваа година настапи на турнирот во Бризбејн. Потоа се повлече од Австралија опен на почетокот на јануари поради повреда.

Шпанскиот тенисер потоа се врати на теренот во април на Ролан Гарос, но во првото коло беше поразен од Германецот Александар Зверев.

Шпанецот го прескокна Вимблдон, а играше на Олимписките игри во Париз, каде во второто коло во сингл загуби од Новак Ѓоковиќ, додека во двојки заедно со Карл Алкараз стигна до четвртфиналето.

Надал (38) моментално е на 158. место на АТП листата. Тој помина 209 недели на врвот на АТП листата.

Шпанецот во кариерата освои 92 титули, вклучувајќи 22 Грен слем трофеи. Тој го освои Ролан Гарос 14 пати.

Со селекцијата на Шпанија четири пати триумфираше во Дејвис купот.

Надал во 2008 година го освои златниот медал на Олимписките игри во Пекинг во поединечна конкуренција, а на Игрите во Рио де Жанеиро 2016 година во пар со Марко Лопез го освои златото во двојки.

TRT Balkan / агенции
Популарни