Не знам дали ќе биде последен пат да сум тука пред сите вас, искрено, изјави Надал по поразот / Photo: Reuters

Кралот на „црвената земја“ во Париз, 14-кратниот победник на Ролан Гарос, Шпанецот Рафаел Надал е поразен уште во првото коло од Германецот Александар Зверев со 3:6, 6:7 ( 5), 3:6.

Ова е најраната елиминација на 37-годишниот Шпанец во неговите 18 претходни настапи на Ролан Гарос. Надал турнирот во Париз го освои рекордни 14 пати, а досега е елиминиран еднаш во полуфиналето (2021), еднаш во четвртфиналето (2015) и еднаш во 4. коло (2009).

Oва беше само четврти пораз за Надал во 116 меча на Ролан Гарос, а Зверев стана само третиот играч што го победил во Париз, придружувајќи им се на Новак Ѓоковиќ (2) и Робин Содерлинг (1).

Зверев направи брејк веќе во првиот гем, а потоа при 5:3 уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот. Во вториот сет Надал прв брејкираше за 3:2, но Зверев израмни на 5:5, а потоа во „тајбрејкот“ поведе со 2-0 во сетови. Во третиот сет Надал имаше 2:0, Германецот веднаш се врати за израмнување на 2:2, на 3:3 Зверев направи нов брејк, а потоа и на 5:3 уште еден.

„Да бидам искрен, не знам што да кажам. Најпрво, ти благодарам Рафа од целиот тениски свет. Го гледав Рафа како игра цело мое детство и имав доволно среќа да играм против него кога станав професионалец. Имав среќа да играм два пати со него на овој убав терен, не знам што да кажам, денес не е мој момент, тоа е моментот на Рафа, па ви благодарам“, рече 27-годишниот Германец.

Тоа беше нивна десетта средба и трета победа за четвртиот тенисер во светот.

„Тешко ми е да зборувам. Не знам дали ќе биде последен пат да сум тука пред сите вас, искрено“, изјави Надал.

„Не сум 100 отсто сигурен, но ако е последен пат, уживав. Публиката беше неверојатна во текот на целата недела на подготовките и чувствата што ги имам денес тешко се опишуваат со зборови. Но за мене тоа е толку посебно да ја почувствувам љубовта на луѓето на местото што најмногу го сакам“, рече Надал.

TRT Balkan / агенции
Популарни