Шесто спортисти ќе го носат факелот единаесет дена низ Грција / Photo: Reuters

Факелот за Олимпијадата во Париз во 2024 година беше запален во античка Олимпија на традиционална церемонија во вторникот, со што беше одбележан последниот дел од седумгодишните подготовки за почетокот на Игрите на 26 јули.

Грчката актерка Мери Мина во улога на првосвештеничка го запали олимпискиот оган со помошен пламен наместо параболичното огледало, кое вообичаено се користи, поради облачното време.

Со ова започна штафетата во Грција и Франција, а ќе кулминира со палењето на олимпискиот оган во главниот град на Франција на свеченото отворање. Париз ќе биде домаќин на Летните олимписки игри по трет пат по 1900 и 1924 година.

„Во овие тешки времиња во кои живееме, со војни и конфликти во пораст, на луѓето им е преку глава од омразата, агресијата и негативните вести со кои се соочуваат секој ден. Сакаме нешто што не обединува, нешто што ни дава надеж“, рече претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах во својата изјава.

На церемонијата присуствуваа и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, француската министерка за спорт и Олимписки игри Амели Удеа-Кастера и градоначалничката на Париз, Ан Идалго.

Првосвештеничката потоа, во античкото светилиште на Олимпија, пред 2.600 години старите урнатини на храмот на Хера, го запали факелот на првиот тркач на штафетата, грчкиот олимписки шампион во веслање Стефанос Нтускос. По неколку истрчани метри тој ѝ го предаде пламенот на трикратната освојувачка на олимписки медали во пливање, Французинката Лаура Манауду, како претставничка на градот домаќин.

Првиот носител на факелот, грчкиот олимписки шампион во веслање Нтускос ѝ го предаде пламенот на олимписката медалистка во пливање, Французинката Лаура Манауду Reuters

Пламенот официјално ќе им биде предаден на организаторите на Игрите во Париз на стадионот Панатинаик во Атина, местото на првите модерни игри во 1896 година, на 26 април по 11-дневната штафета низ Грција.

Шесто спортисти ќе го носат факелот единаесет дена низ Грција, ќе патуваат 5.000 километри низ седум острови, десет археолошки локалитети и карпата Акропол каде што ќе преноќат до Партенон. Следниот ден ќе отпловат за Франција со едреникот „Белем“ со три јарболи, кој ќе пристигне на 8 мај во Марсеј, а на церемонијата ќе присуствуваат 150.000 луѓе во старото пристаниште на јужниот град. Марсеј, кој било основан од грчките доселеници од Фокеја околу 600 година п.н.е. ќе биде домаќин на олимписките натпревари во едрење.

Француската штафета со факелот ќе трае 68 дена, ќе минува низ Антили и Француска Полинезија, а ќе заврши во Париз со палење на олимпискиот оган на 26 јули.

TRT Balkan / агенции
Популарни