Носителот број еден на олимпискиот тениски турнир во Париз, Србинот Новак Ѓоковиќ се пласираше во 3.коло победувајќи го својот голем ривал, Шпанецот Рафаел Надал со 6:1, 6:4 во мечот од 2.коло, што беше нивни 60. дуел. Ѓоковиќ целосно доминираше во првиот дел од мечот, ги освои првите пет гема и 10 од првите 11, а се чинеше дека целосно ќе го декласира Надал на теренот на Ролан Гарос, на кој Шпанецот освои дури 14 Гренслем титули.
Сепак, Надал успеа да освои четири гема по ред израмнувајќи 4-4 во вториот сет, но немаше сили за целосен пресврт. Соодносот на победи во ова ривалство сега е 31-29 за Ѓоковиќ, а ова беше нивна 11-та средба на терените на Ролан Гарос и трета победа за Ѓоковиќ. Ѓоковиќ во 3. коло ќе игра против победникот од дуелот меѓу Германецот Доминик Кепфер и Италијанецот Матео Арналди. Во текот на кариерата Ѓоковиќ освои 24 Гренслем титули, но се уште нема олимписко злато.
Надал, пак, има освоено 22 титули на Гренслем турнирите, а титулата олимписки победник ја има и од Пекинг во 2008 година во сингл и од Рио 2016 во конкуренција на двојки.