Франција и Аргентина имаат по две титули светски првак / Photo: Reuters

Триесет и две репрезентации сонуваа дека можат да стигнат до посакуваниот пехар, а само две се блиску до тоа нивниот сон да стане реалност. Франција и Аргентина во денешното финале во 16:00 часот на стадионот Лусаил во Катар ќе се обидат по трет пат да застанат на светскиот фудбалски трон. И двете репрезентации имаат по две светски титули.

Французите, по Италија и Бразил можат да станат и трета репрезентација која ја одбранила светската титула. Прогнозите во пресрет на дуелот одат наизменично во корист на едната или на другата репрезентација. Ниту една нема изразита фаворитска улога. Тоа е доказ дека нѐ очекува спектакл во кој ќе уживаме.

По една титула на домашен терен

Репрезентацијата на Аргентина го има освоено светското првенство во 1978 и 1986 година. Во 1978 Аргентина беше домаќин, а во 1986 „Гаучосите“ ја освоија титулата во Мексико. Во 1990 во Италија и 2014 во Бразил Аргентинците играа финале но го загубија натпреварот.

Слична е ситуацијата и со Франција. Французите имаат две светски титули. Една на домашен терен во 1998 година и од последното светско првенство во Русија 2018 година. Французите имаат можност да станат прваци два пати по ред. До сега светската титула ја одбраниле само Италија и Бразил.

Два пати француската репрезентација беше третопласирана. На светското првенство во 1958 во Шведска и 1986 во Мексико. А во 1982 во Шпанија беа на четвртото место.

Патот до финалето

Аргентина настапите на светското првенство ги почна со шокантен пораз од Саудиска Арабија од 2:1. Потоа во групата два пати триумфираше. Над Полска и над Мексико со 2:0. Во осминафиналето ја победи Австралија со 2:1. Во четвртфиналето во драматичен меч на пенали беше поуспешна од Холандија, во полуфиналето ја совлада Хрватска со 3:0.

Французите започнаа со убедлива победа против Австралија од 4:1. Потоа ја совладаа Данска со 2:1, а загубија од Тунис со 1:0. Во осминафиналето беа подобри од Полска со 3:1. Во четвртфиналето извојуваа победа над Англија со 2:1, а во полуфиналето го совладаа Мароко со 2:0.

Аргентина поуспешна во меѓусебниот скор

Репрезентацијата на Аргентина е поуспешна од Франција кога се во прашање меѓусебните дуели воопшто како и натпреварите на светските првенства. Аргентина и Франција одиграле вкупно 12 натпревари. Аргентинците славеле на шест натпревари Французите на три натпревари, а три меча завршиле нерешено. На светските првенства овие репрезентации одиграле три дуели од кои Аргентина победила на два, а Франција на еден.

Последна шанса за Меси?

Еден од најдобрите светски фудбалери Лионел Меси ја предводеше Аргентина до финалето. Лидер на тимот кој влијае на соиграчите и психолошки со присуството, но и реално на теренот. Веројатно ова е последната шанса на Аргентина со Меси да стане светски првак. Тој пред почетокот на СП изјави дека ова би требало да биде негово последно светско првенство и последна шанса да го оствари неговиот сон.

Мбапе главен адут, Рабио и Упамекано подготвени

Килијан Мбапе ќе биде главната закана по аргентинскиот гол. Мбапе на мундијалот досега исто како и Меси има постигнато пет погодоци.

Селекторот Дидие Дешамп ќе може да смета и на Рабио и Упамекано кои беа надвор од тимот во полуфиналето. Рабио имаше воспаление на грлото, а Упамекано имаше вирус. Слични симптоми имале неколку репрезентативци, па тоа е потенцијална опасност за Франција. Неизвесно е дали еден од најдобрите француски фудбалери Карим Бензема ќе може да биде подготвен за финалето. Тој се повреди пред почетокот на светското првенство.

Марчинијак ќе суди

Главен судија на финалниот натпревар меѓу репрезентациите на Франција и Аргентина ќе го суди полскиот судија Шимон Марчинијак. Судел многу важни натпревари и ужива доверба во ФИФА.

TRT Balkan
Популарни