Фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во финалето на Лигата на шампионите откако со 2:1 славеа на Сантијаго Бернабеу против Баерн, по 2:2 во Минхен во првиот натпревар.
Голот за Баварците го постигна Алфонсо Дејвис (68), но победата и финалето на Реал му ги донесе двојниот стрелец Хоселу (88, 90+1), кој во игра влезе во 81. минута.
Во финалето на Вембли, Реал ќе игра против Борусија Дортмунд, која завчера по триумфот од 0:1 во Париз го победи ПСЖ со вкупни 2:0.
Со чудесен пресврт со два гола во последните минути Реал успеа уште еднаш да се пласира во финалето на Лигата на шампионите. Баерн водеше со 0:1 до 88. минута и неверојатната грешка на голманот Мануел Нојер, по што шокираните Баварци примија уште еден гол.
Сè всушност наликуваше на големото финале во Лигата на шампионите во 1999 година, кога Баерн исто така загуби од Манчестер Јунајтед со 2:1, откако во судиското продолжение имаше предност од 1:0.
Иако Реал доминираше во текот на целиот натпревар, Баерн поведе од контранапад во 68.минута. Кејн го проигра Дејвис, а Канаѓанецот од десет метри дијагонално биеше во спротивниот агол. Во 73. минута Реал израмни, но ВАР го поништи голот, за на крајот Анчелоти да ги внесе сите свои напаѓачи во игра.
Резервистот Хоселу го израмни резултатот по големата грешка на Нојер во 88. минута. Винисиус упати слаб удар кој ја погоди главата на изненадениот голман, кому му падна топката, а Хоселу натрча и лесно ја смести во мрежата.
Во 91. минута следеше целосен пресврт. По долгата акција на Реал нафрли Рудигер, а Хоселу непречен во средината постигна уште еден гол. И тој гол го проверуваше ВАР, а публиката на Бернабеу во екстаза ја дочека позитивната одлука.
Лука Модриќ играше од 69. минута за Реал и успеа да се пласира во своето шесто финале во Лигата на шампионите, додека тренерот на Баварците Томас Тухел не стана првиот тренер што поведе дури три клуба во финалето на Лигата на шампионите.