Денеска во Нион, Швајцарија, беше одржана ждрепката за баражите за пласман на ЕП 2024 преку Лигата на нации.
Во ждрепката учествуваа првопласираните селекции во Лигата на нациите кои не успеаја да обезбедат пласман на ЕП преку стандардните квалификации, па преку баражот ќе се борат за трите преостанати слободни места на континенталниот собир.
Во групата А, Полска во полуфиналето од баражот ќе игра против Естонија, а во вториот меч ќе се сретнат Велс и Финска. Токму победникот од второто полуфинале ќе биде домаќин на финалниот меч кој ќе го даде патникот на ЕП од групата А.
Во групата Б, полуфиналните двојки се Израел – Исланд и БиХ – Украина. Домаќин во финалниот меч ќе биде победникот од второто полуфинале.
Во групата Ц, Грузија ќе игра против Луксембург, а Грција против Казахстан во полуфиналето. Победникот од првото полуфинале ќе биде домаќин на одлучувачкиот меч за пласман на ЕП 2024 од групата Ц.
Полуфиналните мечеви ќе се играат на 21 март 2024 година, а финалните се закажани за 26 март.
Во понеделникот завршија последните натпревари од групната фаза од квалификациите за ЕУРО.
Репрезентациите на Шпанија, Франција, Англија, Турција, Албанија, Белгија, Унгарија, Данска, Романија и Португалија ги освоија првите места во нивните квалификациски групи.
Шкотска, Холандија, Италија, Хрватска, Чешка, Австрија, Србија, Словенија, Швајцарија и Словачка го обезбедија пласманот на ЕУРО 2024 завршувајќи на второто место во групите.