Фудбалерите на Милан во многу возбудлив расплет во групата Ф не успеаја да се пласираат во осминафиналето на Лигата на шампиони, и покрај победата на гостувањето во Њукасл од 1:2.
Се покажа дека нерешениот резултат (1:1) против Борусија Дортмунд на ПСЖ му беше доволен за пласман во наредната фаза на Лигата на шампиони.
Милан направи извонреден пресврт на Сент Џејмс парк, откако Њукасл поведе со 1:0 во 33. минута благодарение на голот што го постигна Џолинтон. Гостите во продолжението заиграа значително подобро и направија пресврт.
Прво Кристијан Пулишиќ го изедначи резултатот на 1:1 во 59. минута, а конечните 1:2 ги постави Самуел Чуквуезе во 84. минута. Милан имаше можност да извојува и поубедлива победа, но Рафаел Леао, напаѓачот на гостите, ја погоди стативата.
Милан со овој триумф сепак се збогува од ова европско фудбалско елитно натпреварување и натпреварите ќе ги продолжи во Лига Европа.
Во Дортмунд пласманот на ПСЖ во наредната фаза висеше на конец, бидејќи Борусија поведе со 1:0 во 51. минута преку Карим Адејеми.
Сепак, пет минути подоцна, ПСЖ се врати во живот благодарение на погодокот што го постигна Ворен Заир-Емери за изедначување на резултатот на 1:1. Се покажа дека овој гол му донесе на ПСЖ пласман во осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони.
Атлетико Мадрид во групата Е, во натпревар без резултатско значење на домашен терен со 2:0 го совлада Лајпциг. Стрелци на Атлетико беа Антоан Гризман во шестата и Самуел Лино во 51. минута.
Резултати од синоќа одиграните натпревари на шестото коло:
Група Е
Атлетико Мадрид - Лацио 2:0
Селтик - Фејенорд 2:1
Група Ф
Борусија Дортмунд - ПСЖ 1:1
Њукасл - Милан 1:2
Група Г
Лајпциг - Јанг Бојс 2:1
Црвена Звезда - Манчестер Сити 2:3
Група Х
Антверпен - Барселона 3:2
Порто - Шахтјор 5:3
Во нокаут-фазата на УЕФА Лигата на шампиони пласман изборија: Баерн Минхен, Арсенал, ПСВ Ајнховен, Реал Мадрид, Интер, Реал Сосиедад, Копенхаген, Наполи, Манчестер Сити, Барселона, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Лацио, ПСЖ и Порто.
Ждрепката на паровите од осминафиналето на Лигата на шампиони ќе се одржи на 18 декември во Нион.