Борусија Дортмунд го запечати пласманот во осминафиналето на Лигата на шампионите со победата од 3-1 против Милан во вторникот во групата Ф, позната и како „Група на смртта“ поради силните конкуренти.
Дортмунд е лидер со 10 бода во пет натпревари, а зад него е ПСЖ, кој одигра 1-1 со Њукасл на „Паркот на принцовите“, по контроверзно досудениот пенал во судиското надополнување, кој во гол го претвори Килијан Мбапе.
ПСЖ има седум бода, а Њукасл и Милан имаат по пет бода пред последниот натпревар во кој ќе играат еден против друг.
Ветеранот од средниот ред на Дортмунд, Марко Ројс го постигна водечкиот гол на „Сан Сиро“ во Милано од белата точка во 10. минута, откако претходно напаѓачот на Милан, Оливие Жиру промаши пенал.
Нигерискиот играч за врска Самуел Чуквуезе го израмни резултатот за Милан во 37. минута, но, по паузата, Англичанецот Џејми Бајно-Гитенс и германскиот напаѓач Карим Адеми постигнаа голови за гостите и победа од 3-1 со билет за осминафиналето.
УЕФА на својата веб-страница потврди дека тоа е прва победа на Дортмунд на гости против италијански клуб во Лигата на шампионите во последните 20 години.
Пласман меѓу најдобрите 16 екипи вчера обезбедија Барселона, Атлетико Мадрид и Лацио.
По пресврт и со головите на Жоао Кансело и Жоао Феликс, Барселона го победи португалскиот Порто со 2-1 и има 12 бода на пет натпревари во групата Х.
Порто и украинскиот Шахтјор Доњецк имаат по девет бода, а Антверпен е без освоен бод.
Атлетико Мадрид и Лацио се најдобрите два клуба во групата Е што стигнаа до нокаут фазата пред одигрување на последниот квалификациски натпревар.
Атлетико го победи холандски Феенорд со 3-1 во Ротердам. Лацио победи против шкотскиот Селтик со 2-0 во Рим, а италијанскиот напаѓач Чиро Имобиле постигна два гола во доцните минути од натпреварот.
Манчестер Сити го освои првото место во групата Г по пресвртот против РБ Лајпциг.
Белгискиот напаѓач Лоис Опенда ги шокираше Англичаните на стадионот Етихад во 13. и 33. минута, резултат со кој се замина на пауза.
Сепак, триото на Сити, Ерлинг Халанд, Фил Фоден и Џулијан Алварез се запишаа во листата на стрелци за пресврт на натпреварот.
Швајцарскиот Јанг Бојс славеше со 2-0 против Црвена Звезда.
Сити ја освои групата со 15 бода, Лајпциг има девет бода, а двете екипи веќе се пласираа во осминафиналето. Јанг Бојс има четири, а Црвена звезда еден бод.
Пласман во осминафиналето досега имаат загарантирано Баерн Минхен, Реал Мадрид, Реал Сосиедад, Интер, Атлетико Мадрид, Лацио, Борусија Дортмунд, Манчестер Сити, Лајпциг и Барселона.
Ќе им се придружат уште шест екипи.