Се комплетираше третото коло во Лигата на шампионите, па елитното европско натпреварување сега е точно на половина пат.
Во дербито на вечерта ПСЖ го победи Милан со 3-0, додека Борусија Дортмунд како гостин со 1-0 го совлада Њукасл.
Актуелниот европски фудбалски шампион Манчестер Сити ја забележа третата победа во групата Г, совладувајќи го на гостински терен Јанг Бојс со 3-1.
Се што е најважно на средбата помеѓу швајцарскиот и англискиот шампион се случи во вториот дел. Сити имаше 74 проценти од поседот во првото полувреме, но не можеше да ја пробие домашната одбрана.
Сепак, гостите поведоа во 48. минута. Рубен Диас шутираше со глава, голманот го одбрани ударот, но топката се одби од гредата до Мануел Аканџи, кој ја стави во мрежата.
Но, само четири минути подоцна Елија од брз контранапад израмни. „Граѓаните“ дојдоа до нова предност во 67. минута со голот на Ерлинг Халанд од пенал, а победата за гостите ја потврди истиот фудбалер во 86. минута со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот.
Во вториот натпревар од оваа група, Лајпциг со идентичен резултат ја победи Црвена Звезда. Давид Раум го доведе германскиот тим во водство во 12. минута. Чави Симонс постигна фантастичен гол од околу 20 метри за 2-0 во 59. минута, а белграѓаните намалија во 70. минута преку Марко Стамениќ.
Сите сомнежи околу победникот ги разреши Дани Олмо во 84. минута.
Сити е прв со девет бодови, Лајпциг има шест, а Јанг Бојс и Црвена звезда имаат по еден бод.
Во групата Ф ПСЖ го декласираше Милан со 3-0 на „Паркот на принцовите“, додека во вториот натпревар Борусија Дортмунд го совлада Њукасл Јунајтед со 1-0 на Сент Џејмс Парк.
ПСЖ поведе во 32. минута со одличниот гол на Килијан Мбапе од работ на шеснаесетникот. На 2-0 зголеми Рандал Коло Муани во 53. минута, а Ли Канг-Ин стави „точка на и“ во 89. минута.
Милан ниту во третиот натпревар не успеа да постигне гол.
Јунак на мечот во Њукасл беше гостинскиот голман Грегор Кобел, кој кога веќе беше поразен, Борусија ја спасуваше рамката на голот, бидејќи во последните минути домаќините двапати ја погодија гредата.
По неколку промашени шанси на Њукасл, гостите поведоа во финишот на првото полувреме по брз контранапад со голот на Феликс Нмех.
Во 53. минута „страчките“ имаа уште една шанса, но Кобел го одбрани ударот на Калум Вилсон. Во 87. минута Вилсон го совлада швајцарскиот голман, но ја погоди гредата. Гордон ја погоди и стѕативата во судиското надополнување.
Лидер во групата е ПСЖ со шест бода, Борусија и Њукасл имаат по четири, а Милан е на два бода.
Во групата Е, Селтик и Атлетико Мадрид одиграа одличен натпревар кој заврши 2-2. Домашните водеа со 1-0 и 2-1, но Атлетико се врати двапати.
Селтик поведе во 4. минута по голот на Фурухаси, а Атлетико израмни во 25. минута со голот на Антоан Гризман. Францускиот напаѓач најпрво не успеа да го реализира пеналот, ја погоди стативата, но топката се одби до него, а тој не промаши при вториот обид.
Сепак, шпанската радост кратко траеше бидејќи Шкотите поведоа со 2-1 преку Луис Палма три минути подоцна. Гостите успеаја да израмнат во 53. минута, Љоренте се проби по десната страна, брилијантно нафрли на Алваро Мората кој со глава погоди за 2-2.
Во вториот натпревар Феенорд пред своите гледачи во Ротердам го совлада римски Лацио со 3-1. Два гола за домаќините постигна Мексиканецот Сантијаго Хименез, а еден Рамиз Зеруки. Во 83. минута Лацио постигна почесен гол преку Педро, кој реализираше пенал.
Води Феенорд со шест бодови, Атлетико има пет, Лацио четири, а Селтик го освои првиот бод.
Во групата Х Барселона ја забележа третата победа совладувајќи го Шахтјор со 2-1, додека во вториот натпревар Порто по пресврт го совлада Антверпен со 4-1.
На врвот на табелата Барселона има девет бодови, Порто шест, Шахтјор три, а Антверпен нема бодови.