Организаторите намерно го избраа периодот помеѓу финалето на Лигата на шампионите на 1 јуни и почетокот на ЕУРО на 14 јуни / Photo: Elite Players Group

Англија во јуни годинава ќе биде домаќин на првото Светско фудбалско првенство за играчи над 35 години, на кое ќе се натпреваруваат селекции од осум поранешни светски шампиони.

На турнирот треба да учествуваат репрезентациите на Аргентина, Бразил, Франција, Германија, Италија, Уругвај, Англија и Шпанија, објави Дејли Мејл.

Натпреварот е организиран од Елите Плеерс Груп (Elite Players Group-EPG) група на врвни поранешни фудбалери и спортски бизнисмени кои ги здружија силите минатата година и ќе бидат познати како Куп на ЕПГ.

Право на учество на турнирот ќе имаат играчи на возраст од 35 или повеќе години кои настапувале за репрезентацијата на својата земја или 100 пати играле во првата лига.

Натпреварите би траеле 70 минути, би се играло 11 против 11 со „летечки измени“, а екипите би се состоеле од 18 играчи.

Познати се и датумите на средбата. Четвртфиналните натпревари се закажани за 4 и 5 јуни, двете полуфиналиња на 8 јуни, а финалето на 11 јуни.

Организаторите намерно го избраа периодот помеѓу финалето на Лигата на шампионите на 1 јуни и почетокот на ЕУРО на 14 јуни.

Засега е познато дека домаќинот Англија ќе го предводат Стив Мекманаман, Мајкл Овен, Френк Лампард и Роби Фаулер, Аргентинците засега се познати по Естебан Камбијасо, Ернан Креспо и Пабло Забалета.

За Бразил треба да играат Кака, Роналдињо и Ривалдо, а Франција ќе ја предводат Кристијан Карембе, Тиери Анри и Марсел Десаи.

Германските бои ќе ги бранат Кевин Курањи, Месут Озил и Сами Кедира, а за Италија Марко Матераци, Фабио Канаваро и Франческо Тоти. Кај Шпанците својот настап веќе го потврдија Мишел Салгадо, Давид Виља и Карлес Пујол, а кај Уругвајците Диего Лугано и Диего Форлан.

TRT Balkan / агенции
Популарни