ТФФ: Фарук Коџа доби трајна забрана за извршување функција во фудбалот / Photo: AA

Професионалниот фудбалски дисциплински одбор при Турската фудбалска федерација (ТФФ) му изрече казна за трајна забрана за извршување функции во фудбалот на поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Анкараѓуџу, Фарук Коџа, кој во понеделникот физички го нападна судијата Халил Умут Мелер.

Професионалниот фудбалски дисциплински одбор на ТФФ објави дека им доделил казни на МКЕ Анкараѓуџу и на поранешниот претседател Коџа по непријатните сцени на натпреварот од турската Супер лига меѓу Анкараѓуџу и Чајкур Ризеспор.

Во соопштението објавено на веб-страницата на ТФФ се наведува дена Фарук Коџа пет години е лишен од правото да извршува функции во фудбалот. Имајќи предвид дека станува збор за казна подолга од три години, тоа претставува трајно одземање на правото за извршување какви било административни, спортски или други активности поврзани со фудбалот, вклучително и влез на стадиони на официјални натпреварувања.

Дисциплинскиот одбор одлучи да го казни и тимот од Анкара парично со 2 милиона турски лири (околу 62.600 евра), како и казна без публика да одигра пет официјални натпревари. МКЕ Анкараѓуџу се казнува и со 200.000 лири (околу 6.260 евра) поради грдото и недолично однесување на навивачите вторпат оваа сезона.

Ѓулшен Јилмаз и Џенгиз Ѓокај, двајцата менаџери на МКЕ Анкараѓуџу, добија предупредување, Џахит Салих доби предупредување, како и одземање на правата на 75 дена и парична казна од 140.000 лири (околу 4.400 евра), а Јусуф Бугра Таник доби 45 дена одземање на правата и парична казна од 210.000 лири (околу 6.600 евра).

Во соопштението се наведува дека официјалните претставници на клубот, Јунус Шахин и Кенан Челиккаја, исто така, се трајно лишени од правата, Исмаил Девели, Муџахид Осман Карабај, Бурак Коџа, Хакан Апајдин и Ахмет Озтурк добила казна предупредување.

Фарук Коџа, претседател на турскиот суперлигаш Анкараѓуџу, со тупаница го удри фудбалскиот судија Халил Умут Мелер на теренот по последниот свиреж на натпреварот против Ризеспор.

Анкараѓуџу и Ризеспор во понеделникот во натпревар од 15. коло на турската Супер лига во Анкара ремизираа 1:1, а Коџа, незадоволен од судењето на Мелер, на крајот на средбата одлучи физички да го нападне главниот судија. Судијата Мелер падна на земја од добиениот удар.

AA
Популарни