Со оваа победа Хрватска го обезбеди шестиот медал од светските шампионати во историјата, а прв по 12 години кога ја освои бронзата во Шпанија / Photo: Reuters

Хрватската машка ракометна репрезентација се пласираше во финалето на Светското првенство со победа од 31:28 (18:11) против Франција во преполната загрепска Арена.

Звонимир Срна и Марин Јелиниќ постигнаа по седум гола за Хрватска, Доминик Кузмановиќ забележа 15 одбрани, додека Дика Мем беше најефикасен кај Франција со осум гола.

Носени од фантастичната атмосфера во загрепската арена, ракометарите на Сигурдсон фуриозно го започнаа дуелот против фаворизираниот противник.

Цврстата и подвижна одбрана на Хрватите им создаде многу проблеми за „триколорите“, а во нападот неверојатни на стартот беа Јелиниќ и Мараш.

Франција како никогаш досега не била толку инфериорна во едно мундијалско полуфинале. Жил со неколку промени во нападот проба да ја врати својата селекција во игра, но домашните ракометари заиграа уште помоќно и на полувреме се изборија за огромна предност од седум гола (11:18).

Стартот на вториот дел донесе уште еден шок за Французите, затоа што дотогаш единствената светла точка во тимот – Мин поради груб старт заслужено заработи црвен картон и предвреме го заврши натпреварот.

Сепак, шампионот од пред осум години конечно најде лек за фуриозниот напад на домаќинот и со мини серија се врати на подносливи четири гола негатива (15:19).

Но ако француските голмани беа далеку под своето ниво, на спротивната страна Кузмановиќ блесна во прав момент и Хрватска ја врати високата предност од шест гола (18:24).

Следуваше период на нешто подобра игра на „триколорите“ и многу грешки на Хрватска, па полуфиналето влезе во неизвесна завршница (25:28).

Во самиот финиш се чини Сигурдсон го направи вистинскиот потег и во нападот го внесе Игор Карачиќ. Искусниот среден бек прво постигна гол од тешка позиција и закана за пасивен, а потоа врз него беше направен пенал.

Главаш беше сигурен од линијата за седум метри и славјето во Загреб започна.

Со оваа победа Хрватска го обезбеди шестиот медал од светските шампионати во историјата, а прв по 12 години кога ја освои бронзата во Шпанија.

Ова е петти настап за Хрватска во финалето, откако претходно освои едно злато (2003 година во Португалија) и три сребра (Исланд 1995, Тунис 2005 и Хрватска 2009 година).

Хрватска во недела во Осло од 18 часот ќе игра во финалето против победникот од мечот Данска - Португалија, кој е закажан за в петок.

TRT Balkan
Популарни