Топката со која Диего Армандо Марадона постигна два погодоци на натпреварот на кој Аргентина ја победи Англија во четвртфиналето од Светското првенство во 1986 година во Мексико, наредниот месец ќе биде понудена на аукција во Велика Британија.
Се проценува дека топката би можела да постигне цена помеѓу 2,9 и 3,4 милиони евра, а на 16 ноември продажбата ќе ја спроведе британската аукциска куќа „Греам Бад“.
Топката е во сопственост на Али Бин Насер од Тунис, кој бил главен судија на натпреварот помеѓу Аргентина и Бразил, одигран на стадионот Ацтека во Мексико Сити.
Водечкиот погодок Марадона го постигна служејќи се со рака со која го пренасочи правецот на движењето на топката, а ниту главниот, ниту помошниот судија тоа на го забележаа и голот беше признаен.
„Не можев добро да ја видам ситуацијата. Двајцата играчи, Шилтон (англиски голман) и Марадона, ми беа свртени со грб. Според упатствата на ФИФА издадени пред турнирот, погледнав кон помошниот судија за да потврди дека голот е регуларен. Тој се движеше кон средината на игралиштето со што даде до знаење дека сѐ било во ред и дека голот треба да се признае“, изјави Али Бин Насер.
Тој раскажа дека по натпреварот му пришол тогашниот англиски селектор Боби Робсон и му рекол: „Ти добро ја заврши својата работа, но помошникот беше неодговорен“.
Марадона во својата изјава по натпреварот истата ситуација ја прокоментира така што рече дека голот е постигнат „делумно со главата на Марадона и малку со помош на Божјата рака“.
Подоцна, познатиот Аргентинец постигна погодок со кој во слалом од средина на теренот помина пет фудбалери на репрезентацијата на Англија, го помина и голманот Шилтон и топката ја упати во гол.
Марадона почина пред две години, а тунискиот судија изјави дека сега е вистинско време вредниот спортски реквизит да се сподели со светот и изрази надеж дека купувачот топката ќе ја изложби во јавен простор.
„Со оглед на историскиот контекст, очекуваме дека топката ќе биде многу барана кога ќе дојде на аукција“, сметаат од аукциската куќа „Греам Бад“.