Репрезентацијата на Португалија е последниот четвртфиналист     Фото: Ројтерс / Photo: Reuters

Познати се четвртфиналните парови на светското првенство во фудбал во Катар. Последните две репрезентации кои се пласираа во оваа фаза се Мароко и Португалија.

Мароко направи сензација совладувајќи ја Шпанија во осминафиналето. Натпреварот по 90 минути и по продолженијата заврши 0:0. Репрезентаијата на Мароко беше поуспешна при изведувањето пенали.

Во вториот натпревар синоќа Португалија ја декласира Швајцарија со 6:1.

Претходно во четвртфиналето се пласираа Аргентина, Холандија, Англија, Франција, Хрватска и Бразил.

Во четвртфиналето во петок се среќаваат Хрватска-Бразил и Холандија-Аргентина. Во сабота се другите натпревари од четвртфиналето Мароко-Португалија и Англија-Франција.

Полуфиналните дуели се играат на 13 и 14 декември со почеток во 20 часот. Во нив се среќаваат победниците од дуелите Холандија-Аргентина и Хрватска-Бразил односно победниците од Мароко-Португалија и Англија-Франција. Финалето на Светското првенство е закажано за 18 декември на стадионот Лусаил со почеток во 16 часот. Ден претходно, на 17 декември во 16 часот на стадионот Калифа ќе се одигра натпреварот за третото место.

TRT Balkan / агенции
Популарни