Бразилската легенда Пеле ѝ честиташе на Аргентина и на суперѕвездата Лионел Меси за победата на Светското првенство во фудбал 2022. како и на француската ѕвезда Килијан Мбапе за постигнатите четири гола во финалето.
„Денес фудбалот, како и секогаш, продолжува на воодушевувачки начин да ја раскажува својата приказна“, напиша 82-годишниот поранешен фудбалер на Инстаграм. „Меси го освои својот прв Мундијал, како што заслужи неговата траекторија“.
„Честитки Аргентина! Сигурно Диего сега се насмевнува“, додаде тој, мислејќи на покојната аргентинска фудбалска легенда и неговиот некогашен најголем ривал, Диего Армандо Марадона.
Пеле го пофали и Мбапе.
„Мојот драг пријател, Мбапе, постигна четири гола во едно финале. Каков подарок беше да се гледа овој спектакл за иднината на нашиот спорт“, напиша тој.
Пеле, исто така, упати посебни пофалби за Мароко, кој стана првата африканска земја која стигна до полуфинале на Светското првенство.
„И не можев да не му честитам на Мароко за неверојатната кампања. Одлично е да се види Африка како блеска“, рече Пеле.
Аргентина синоќа стана новиот првак откако на Светското првенство на ФИФА ја победи Франција со 4:2 во пенали, откако 120 минути завршија со нерешен резултат 3:3.
Пеле, кој му помогна на Бразил да освои три Светски првенства во 1958, 1962 и 1970 година, е водечки стрелец во Бразил со 77 гола во 92 натпревари за својата земја, и се смета за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.