Аргентинецот Лионел Меси го постигна 800. гол во кариерата / Photo: AA

Фудбалската репрезентација на Аргентина во пријателски натпревар ја совлада Панама со резултат 2:0, а ѕвездата на „гаучосите“, Лионел Меси, на тој натпревар го постигна 800. гол во кариерата.

На натпреварот одигран на стадионот „Монументал“, во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, Меси во 89. минута од слободен удар го постигна 800. погодок во клупската и репрезентативна кариера.

Вториот гол на Аргентина го постигна Тиаго Алмада во 78. Минута.

„Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи за љубовта што ја покажавте не само по Светското првенство, туку и на Копа Америка. Рековме дека ќе дадеме сè од себе за овој трофеј“, изјави популарниот Лео по натпреварот.

Меси така стана вториот играч со постигнати 800 голови во кариерата, по Португалецот Кристијано Роналдо. Португалецот го постигна својот 800. гол во декември 2021 година.

Меси одигра 778 натпревари и постигна 672 гола во Барселона, каде помина 17 години од својата кариера. Потоа 30 гола во францускиот Пари Сен Жермен (ПСЖ), во кој премина летото 2021 година. Во дресот на репрезентацијата Меси постигна 99 голови.

TRT Balkan / агенции
Популарни