Второ полуфинале: Може ли Мароко да направи уште еден историски чекор? / Photo: AA

Фудбалските репрезентации на Франција и Мароко вечерва во полифиналето ќе се борат за второто место во финалето од Светското првенство во Катар. Французите играат за ново финале, а Мароканците за нова страница во фудбалската историја.

На стадионот Ал Бајт во Ал Кор вечерва со почеток од 20 часот се очекува дуелот на атуелните светски шампиони Франција и најпријатното изненадување, Мароко.

За Франција, која како и во текот на целиот турнир ќе ја предводи напаѓачот на Париз Сен-Жермен Килијан Мбапе, ќе биде можност да дојдат до уште едно големо финале и да бидат на чекор до одбраната на титулата светски шампион, во што досега успеале само Бразил и Италија. Воедно, за „триколорите“ тоа би била трета титула на светски шампион, бидејќи оваа титула ја освоија и во 1998 година, како домаќини на првенството.

Од друга страна, во полуфиналето ги чека извонредниот состав на Мароко, предводен од првата ѕвезда Хаким Зиех, крилниот офанзивец на Челси, кој во Катар покажа извонредни фудбалски квалитети. Мароко веќе со самиот пласман во полуфиналето ја испиша историјата, не само својата, туку и на африканскиот фудбал. Стана првата африканска репрезентација која влезе меѓу четирите најдобри селекции на светот. Но, никој не се сомнева дека против Французите ќе се обидат да приредат уште едно големо изненадување и да се пласираат во финале.

Франција до полуфиналето дојде преку групата „Д“ во која првото место го обезбеди по две кола, со победите против Австралија (4:1) и Данска (3:1). Во последното коло во натпреварот без резултатско значење поразени се од Тунис (0:1). Во осминафиналето, Франција играше против Полска, која ја совлада со резултат од 3:1, а во дербито од четвртфиналето ја елиминирале Англија со триумф од 2:1.

Мароко досега без ниту еден пораз на Светското првенство

Мароко на патот до полуфиналето во групата „Е“ во конкуренција на Белгија и Хрватска, изненадувачки го освои првото место, без ниту еден пораз. На отворањето одиграа без голови со Хрватска, потоа со 2:0 ја победија Белгија, а во последното коло со триумф над Канада со 3:1 ја потврдија лидерската позиција. Во осминафиналето играа против Шпанија, која беше голем фаворит. Но за Мароканците тоа не значеше ништо. Одиграа уште еден дефанзивно одличен натпревар и дојдоа до пенали во кои имаа повеќе успех. Наредната пречка на Мароко на патот до полуфиналето беше Португалија, која беше една од репрезентациите фаворити на овој мундијал. Овој пат „лавовите на Атласот“ славеа по 90 одиграни минути со резултат 1:0 и потврдија дека можат да победат било кого на ова Светско првенство, не исклучувајќи ги ниту нивните следни противници, Французите.

Меѓусебни дуели

Франција и Мароко досега одиграле пет меѓусебни дуели (1988, 1998,1999, 2000 и 2007 година), од кои четири биле пријателски. Франција четири пати била победник, а последниот натпревар одигран пред 15 години, односно во 2007 година, заврши без победник, со резултат 2:2.

Реграги: Мароко ќе продолжи да прави изненадувања

Во пресрет на полуфиналниот натпревар од Светското првенство, селекторот на Мароко Валид Реграги во Доха рече дека новиот тим ќе настојува да ја елиминира Франција.

„Секојпат луѓето очекуваа дека нашиот тим ќе биде елиминиран, но ние се уште сме тука. Сонуваме да го освоиме Светското првенство“, истакна Реграги.

Мечот против тимот на Франција го опиша како „тежок натпревар“.

„Ќе продолжиме да играме амбициозно и да правиме изненадувања“, рече Реграги.

Како што нагласи 47-годишниот селектор, неговиот тим настојува да го смени менталитетот на Африканците кон Светското првенство, додавајќи дека репрезентацијата на Мароко на целиот свет му покажа дека африканска фудбалска репрезентација може да дојде до полуфинале на Светско првенство.

„Дојдовме тука да ги смениме предрасудите кои го опкружуваат африканскиот континент. Многумина веруваат дека ни е доста со доаѓањето во полуфиналето, но тоа не е нашето мислење“, рече Реграги.

Мароко стана третата репрезентација надвор од Европа и Јужна Америка, која се пласираше во полуфинале на Светско првенство, по САД во 1930 година и Јужна Кореја во 2002 година.

Во првото, синоќа одиграно полуфинале Аргентина со убедливи 3:0 ја совлада Хрватска.

Финалето на Светското првенство во Катар закажано е за 18 декември со почеток во 16 часот на стадионот „Лусаил“. Ден претходно, поразените полуфиналисти на стадионот „Калифа Интернационал“, исто така во 16 часот, ќе се натпреваруваат за третото место.

TRT Balkan / агенции
Популарни