Средновековни замоци на Балканот     Фото: ТРТ Балкан

Сигурно веќе знаете дека локации на Балканот послужија за снимање на глобалниот хит „Игра на тронови“, како што е Дубровник во Хрватска. Но, дали сте знаеле дека во регионот има бројни историски локации кои наликуваат на филмските сетови од „Игра на троновите“, а не се толку популарни.

Во нив нема фантазија како во серијата на ХБО, но затоа има долговековна историја низ која се испреплетувале разни цивилизации, империи и значајни личности од минатото.

Ова се само мал дел од балканските средновековни замоци, тврдини и упоришта кои денес се сведок на една одамна заборавена епоха, која има оставено богато историско наследство, а се помалку познати за глобалната туристичка понуда.

Замоци како во „Игра на тронови“          Фото: (Foto: TRT Balkan)

Тврдина Кале во Скопје

Тврдината Кале во македонската метропола Скопје е еден од симболите на градот. Во последните години не е во фокусот на промотивните понуди и не се вложува премногу во уредување на содржините. Сепак, секој кој ќе го посети Скопје задолжително ќе посака да ја види тврдината, покрај останатите знаменитости како Камениот мост, Матка и Старата чаршија. Калето вреди да се види поради прекрасниот поглед на речиси цело Скопје, како и да се видат остатоците од средновековието и османлискиот период.

Влез: Бесплатен

Скопско Кале     Фото: Reuters

Средновековен град и тврдина Врандук, Зеница

Средновековието во Босна и Херцеговина најдобро може да се посведочи во градското утврдување со цитадела во тврдината Врандук, во близина на Зеница. Тврдината е стара најмалку шест века и била седиште на многу средновековни владетели. Високиот степен на зачуваност на градбата и пронајдените артефакти даваат одлична слика за тоа како изгледал замокот во минатото и неговото историско значење.

Влез: 1.5 евра

Средновековен град и тврдина Врандук     Фото: Reuters

Голубачка тврдина, Голубац

Еден од најдобро сочуваните замоци во Србија, кој може да се „позајми“ за снимање на серии како „Игра на тронови“, е Голубачката тврдина, во истоимениот град, и една од ретките која е изградена покрај самата река. Замокот до Дунав некогаш имал стратешка позиција за контрола на трговијата низ пловната река, а денес е одлична атракција за туристите со богати содржини. Во зависност од тоа која зона сакате да ја посетите влезницата може да ве чини и до 13 евра.

Влез: 5 до 13 евра, во зависност од зоната

Голубачка тврдина     Фото:  tvrdjavagolubackigrad.rs

Градско утврдување Цитадела, Будва

Вообичаената туристичка понуда на Црна Гора ги опфаќа прекрасните плажи на Јадранското море, но за туристите кои сакаат и нешто поразлично тука е тврдината или Цитаделата во Будва. Основата на тврдината има остатоци од антиката, а во средновековието се засилувала како градско утврдување за одбрана од нападите кои доаѓале од морето. Денес опфаќа повеќе содржини за туристите меѓу кои и музеј со вредни артефакти од минатото.

Влез: 3,5 евра

Цитадела Будва     Фото: AA

Призренско Кале, Призрен

Калето на највисокиот рид на Призрен во Косово крие богата историја, со почетоци уште од антиката, а најбурен бил средновековниот период. Сместено е над Призренската река, а од врвот има одличен поглед на градот, за посетителите е отворен музеј и често се одржуваат културно-уметнички манифестации. Во време на Османлиите тврдината била неколкупати проширувана и реконструирана. Слично како и скопското Кале, влезот за сите посетители е бесплатен.

Влез: Бесплатен

Призренско Кале     Фото: AA

Розафа замок, Скадар

Легендата за изградбата на замокот Розафа во Скадар, Албанија е една од најпрочуените на Балканот. Според неа, за да се исполни градбата без да се рушат ѕидовите, невестата на најмладиот од тројцата браќа градители морала да биде жртвувана и соѕидана во темелите. Оттогаш никогаш повеќе не се срушила тврдината.

Историските записи датираат уште од античко време, а тврдината била засилувана во средниот век. Сместена меѓу двете реки Дрим и Бојана денес нуди поглед на целиот град, како и на неколку градби од минатото внатре во ѕидините.

Влез: 3,35 евра

Розафа замок     Фото: Tscakir, CommonsWikimedia

Дали во овие тврдини и замоци ги пронајдовте некои од двојниците на „Кастерли рок“, „Винтерфел“, „Ајри“, „Пајк“ или „Драгонстоун“?

TRT Balkan
Популарни