Календарскиот почеток на летото, 21 јуни, секогаш го отвора традиционалното прашање „Каде на одмор?“. Балканците не штедат кога е во прашање заминување на годишен одмор, дури и кога имаат ниски примања.
Криза или не, граѓаните во регионот наоѓаат начини како од своите скромни примања да издвојат доволно за да одат на годишен одмор, некогаш еднаш, но некогаш и повеќепати во годината.
Економската криза предизвикана од инфлацијата, промените во економските текови кои ги донесе пандемијата, енергетската криза, но и војната во Украина поради која има промени на тековите на светските пазари, придонесе и за пораст на туристичките аранжмани.
Но што велат досегашните статистички податоци, колку граѓаните од Балканот издвојуваат за годишен одмор?
Скромно во Северна Македонија
Скромно, но редовно. Вака би можела да се опише навиката за одење на годишен одмор на граѓаните на Северна Македонија.
Во просек тие трошат дневно по 20 евра за годишен одмор, кој во просек трае 11 дена, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Збирно, тоа би значело дека еден македонски турист во просек на одмор троши 220 евра годишно.
Србите не штедат за одмор
Двојно повеќе за одмор од граѓаните на Северна Македонија трошат Србите. Просечен турист од Србија троши по околу 55 евра на ден или за десетневен одмор по 550 евра на човек. Податоците објавени во медиумите покажуваат дека Србите на одмор во Хрватска трошат по околу 95 евра на ден, што е повеќе дури и од Германците, кои трошат 65 евра дневно за истата дестинација.
Црногорците преферираат гости
Црногорците повеќе преферираат да угостат туристи, отколку да патуваат на одмор со оглед дека Црна Гора има повеќедецениска туристичка традиција. Но, кога одат на годишен одмор Црногорците просечно трошат 195 по лице на едно патување.
Во Албанија по 229 евра од човек
И граѓаните на Албанија во последните години се покажаа како добри домаќини во туризмот. Кога е во прашање нивниот одмор, статистиките велат дека тие како туристи трошат во просек 229 евра по лице за едно патување.
Во Косово пракса е седумдневен одмор
Анализите на истражувачките компании за преференциите за туризам на граѓаните на Косово покажуваат дека во најголем дел, односно 76 отсто од граѓаните одат на седумдневен одмор каде во просек трошат околу 200 евра по лице.
Иако се со повисоки примања, Хрватите не трошат повеќе од другите
Иако е единствената земја членка на Европската Унија од регионот, во која приходите на граѓаните се значително повисоки во споредба со другите од овие простори, Хрватите за одмор не трошат повеќе од другите балкански народи. Просечен хрватски турист на својот годишен одмор троши нешто помалку од 225 евра,покажуваа податоците на Евростат.
Граѓаните на БиХ за одмор трошат од 200 до 300 евра
Истражувањата за граѓаните на Босна и Херцеговина покажуваат дека повеќе од половина население патува на одмор кој трае од 7 до 9 дена, а просечниот буџет варира од 200 до 300 евра по лице.
Колку трошат Европјаните?
Статистичките податоци на Евростат, кога е се во прашање туристичките патувања, покажуваат дека во рамките на ЕУ, најмногу трошат граѓаните на Луксембург, во просек по 768 евра по лице за одмор. Високо на врвот котираат и жителите на Малта кои трошат по 646 евра и Австријците кои одвојуваат по 607 евра по турист.
Најмалку пари за одмор од семејниот буџет одвојуваат Литванците, само 107 евра, потоа Романците 125 евра и граѓаните на Чешка 129 евра.