Од првата посета на Хемингвеј на Памплона поминаа 100 години / Фото: Reuters

Камбаните бијат - осум пати. Фитилот се пали и ракетата испукува. Се отвораат вратите од боксот и истрчуваат 12 џинови, шест бикови и шест терачи, забрзувајќи го темпото во галоп, додека копитата грмат по калдрмите.

Знакот е даден, толпа на тркачи облечени во бело почнуваат со спринтот. Се осврнуваат наназад, спремни да го избегнат нападот на ѕверовите со рогови и со балетски потези и одолеваат на крвавата закана. Воодушевените набљудувачи навиваат од одозгора, качени на балконите.

Почнува прославата на Сан Фермин, познатиот фестивал со трки со бикови кој го зафаќа центарот на Памплона секоја година во јули, кога развеселените посетители од целиот свет се упатуваат кон северниот шпански град, за девет дена со адреналин, пот и разврат, кои слободно уживаат, а секаде се точи вино.

Некои од нив на фестивалот посветен на Сан Фермин се привлечени од безвременскиот роман на еден од најголемите автори на американската литература на 20 век.

Ернест Хемингвеј (1899-1961) се опседна со фестивалот уште при првата посета пред точно 100 години. Трките со бикови, борбите на вештите тореадори, и хедонистичките забави толку длабоко се врежаа во него, што помеѓу 1924 и 1959 година повторно доаѓал дури осум пати.

„Никој никогаш не го живее својот живот до крај, освен борците со бикови“ Reuters

Во 1926 година дејството на неговиот дебитантски роман „Сонцето одново изгрева“ го смести делумно во Памплона. Базиран на неговите и искуствата на американските и британски иселеници во Париз, Хемингвеј брзо се етаблираше како глас на „Изгубената генерација“ по Првата светска војна.

Во книгата, нараторот кој е алтер-его на Хемингвеј, раскажува за приказната за екцесот, за постојаното и на некој начин очајно пијанство, прекинато само при посетите на арената за бикови за следење на крвавите пресметки.

„Не можам да ја поднесам помислата дека животот ми минува толку брзо што не можам вистински да го изживеам“ вели еден од ликовите меѓу најпознатата реплика.

„Никој никогаш не го живее својот живот до крај, освен борците со бикови“, реплицира нараторот.

Бил Хилман (41), професор по англиски јазик од Чикаго и експерт за трки со бикови за првпат го прочитал романот „Сонцето одново изгрева“ додека бил студент на 20 години. Кога ја прочитал последната страница бил свесен за две работи - дека сака да стане писател и дека еден ден ќе трча со биковите во Памплона.

Првата трка на Хилман била во 2005 година. Оттогаш тој редовно доаѓа на фестивалот.

„Пристигнав тука и едноставно се воодушевив. Се беше како во книгата, но помножено по десет. Поголемо, подиво, полудо“, вели тој.

Низ годините се спријателил со Џон внукот на Хемингвеј и неговиот правнук Мајкл. Два пати бил прободен, во 2014 и 2017 година но, тоа не го срушило неговиот ентузијазам.

„Практично го следев духот на Хемингвеј наоколу и помалку сум прогонуван од него“, вели Хилман.

За Шерил Маунткасл (69) првата средба со „Сонцето одново изгрева“ била во средно училиште во Њу Орлеанс. Во последните 24 години таа со нејзиното семејство го изнајмува истиот апартман во Памплона за време на фестивалот.

Вели дека романот го истакнува пијанството, но го испушта другото лице на фестивалот како што е дарувањето храна и танцувањето низ улиците.

Леонткси Ариета е една од неколкуте преостанати жители на Памплона која во живо го запознала Хемигвеј. 91 годишната жена раскажуваше за Ројтерс како нејзиното семејство го угостило писателот и неговата четврта сопруга Мери Велш при нивната последна посета во 1959 година, две години пред неговата смрт.

Парот изнајмил три соби во куќата на Ариета каде Хемингвеј пишувал, пиел вотка и го шокирал семејството кога сите распетија ги тргнал од ѕидовите и ги ставил во кутија.

Минатата година дојдоа 1.7 милиони луѓе, оставајќи 1.200 тони скршено стакло и отпад / Фото: AA AA

Што е сменето, а што останало исто

Една дебата постојано се води меѓу жителите на Памплона. Дали градот е преплавен од туристи за време на фестивалот по вина на Хемингвеј? Дали тој погрешно го претставил во неговите писанија? Дали градот е жртва на успехот на романот?

Минатата година дојдоа 1.7 милиони луѓе, оставајќи 1.200 тони скршено стакло и отпад зад себе. Најпосакуваните места на балконите со чист поглед на трките со бикови може да чинат и до 200 евра по човек.

Памплонецот Мигел Изу (63) кој напишал повеќе книги за фестивалот, меѓу кои и за поврзаноста на Хемингвеј, смета дека влијанието на романот е пренагласено.

„Вистина е дека тој придонесе да се популаризира фестивалот и да се зголеми бројот на туристи, но тие доаѓаа и пред Хемингвеј, особено од Франција“, објаснува Изу.

Хемингвеј при посетата во 1923 година беше тотално анонимен, и стана светски препознатлива фигура во 1954 година откако ја доби Нобеловата награда за литература.

Изу признава дека градот и натаму ја користи сликата на Хемингвеј за да се промовира, свесно или несвено. Но, важи и обратното, ние го направивме еден вид икона на фестивалот, секој пат кога ќе се спомне Сан Фермин, не може, а да не се спомне и Хемингвеј, дополнува тој.

Но, не сите странци се намамени од делото на писателот, особено сега со популарноста на социјалните мрежи. Вилијам Капал (23) од Австралија и неговите пријатели се мотивирани од видеата на Јутјуб со исцрпувачката опасност од трките со бикови и многуте пијанки.

Капал запрашан дали некогаш слушнал за Хемингвеј, со насмевка одговори: „Ма не, дали е некој битен“?

Многу нешта се променети од 1923 година - познатите бели костими украсени со црвени марами и појаси кои ги носат тркачите, на пример во мода влегле по 1931 година, откако северниот дел на Шпанија транзитирал од земјоделство кон индустријализација. Но, суштината на фестивалот е непроменета.

Кафе баровите кои се споменати во книгата како „Ируна“ се уште примаат гости. Посетителите и натаму се забавуваат и молат, и бараат место низ преполните улички да ги видат биковите без ризик дека ќе бидат прободени од пеколните рогови.

„Мислам дека ако Хемингвеј повторно се врати ќе види и ќе рече дека некои работи се чудни, но во суштина се е исто на фестивалот на Сан Фермин“, заклучува Изу.

TRT World
Популарни