Шпанија минатата недела ја укина својата годишна награда за борба со бикови, што ги налути конзервативците кои сакаат да ја зачуваат вековната традиција, која ја гледаат како форма на уметност, но која предизвикува сѐ поголема загриженост за благосостојбата на животните.
Борбата со бикови, која матадорот облечен во блескава облека ја завршува со убивање на животното, за некои е културна традиција која треба да се зачува, а за други суров ритуал за кој нема место во современото општество.
Министерството за култура соопшти дека својата одлука за укинување на наградата ја заснова на „новата социјална и културна реалност во Шпанија“, каде што загриженоста за благосостојбата на животните е зголемена, а посетеноста на арените за борби со бикови е намалена.
„Мислам дека ова е чувството на мнозинството Шпанци, кои сè помалку разбираат зошто кај нас се практикува тортура на животни... а уште помалку зошто оваа тортура се наградува со народни пари“, напиша министерот за култура Ернест Уртасун на X.
Националната награда беше во форма од 30.000 евра и беше доделувана на познати тореади или културни здруженија поврзани со традицијата на корида.
Неодамна, тоа стана одлучувачко прашање во културните војни во Шпанија, спротивставувајќи ги левичарските партии и конзервативците кои ја поддржуваат традицијата.
Борја Семпер, портпарол на опозициската конзервативна Народна партија (ПП), им рече на новинарите дека потегот на владата покажува дека „не верува во културната различност или слобода“ и дека неговата партија ќе ја врати наградата штом ќе се врати на власт.
Лидерот на ПП за регионот на Арагон, Хорхе Азкон, рече дека ќе воведе друга награда.
„Традицијата треба да биде нешто што нè обединува, а не да не разделува“, рече тој.
Децата до 8 години, придружувани од возрасен, пак, ќе можат бесплатно да гледаат борби со бикови во Севиља, објави тамошниот организатор на борбите неколку дена по одлуката на министерството за култура.
Компанијата „Пагес“ соопшти дека давањето бесплатни билети за децата е „најдобар начин да се запознаат најмалите“ во светот на борбите со бикови, за да продолжи традицијата и во иднина.
Андалузија, автономната јужна провинција со главен град Севиља, им дозволува на децата да влезат во арената без ограничувања. Има само возрасна граница при запишување во училишта и курсеви за тореади. Учениците постари од 10 години можат да посетуваат теоретска настава, а оние над 14 можат да посетуваат практична настава.
Партијата за права на животните ПАЦМА повика на прекин на јавните субвенции за фондациите за борби со бикови и поврзаните одгледувачи, за кои тврдат дека од 2020 до 2024 година добиле речиси 6 милиони евра народни пари.
Спротиставувањето на борбите со бикови се зголеми во Латинска Америка, каде што оваа традицијата е извезена во 16 век и во јужна Франција, каде што се прошири во 19 век.
Во Шпанија, просечниот љубител на борбите со бикови остаре, а бројот на фестивали за борби со бикови се намали за една третина помеѓу 2010 и 2023 година.