Опсежната студија покажа дека утрото е време од денот кога луѓето имаат тенденција да се чувствуваат најдобро / Photo: AA

За да ги утешат своите блиски и сакани, многу луѓе често ќе им кажат дека „се ќе биде подобро наутро“. Научниците успеаја да докажат дека тоа навистина е така.

Опсежната студија покажа дека утрото е време од денот кога луѓето имаат тенденција да се чувствуваат најдобро. Истражувањето го потврди и она во што многу луѓе имаат тенденција да веруваат, а тоа е дека се чувствуваат посреќно и подобро во летните месеци отколку во зимскиот период.

Експертите ги анализираа податоците собрани од 49.218 возрасни лица како дел од социјалната студија за Ковид-19 на Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ), која ги следеше испитаниците од март 2020 до март 2022 година.

Резултатите покажале дека луѓето генерално се разбудувале „чувствувајќи се исклучително добро, најдобро“, но до полноќ постепено се чувствувале се полошо и полошо, само за да кажат дека тогаш „се чувствувале најлошо“.

Научниците исто така откриле дека „исто така постои врска помеѓу доброто расположение и одреден ден во неделата, а тие имаат особено силни докази дека луѓето се чувствуваат подобро и психички и физички во текот на летото“.

Резултатите од студијата британските научници ги објавија во стручното списание BMJ Mental Health, со заклучок: „Генерално, работите изгледаат подобро наутро“.

Британските истражувачи веруваат дека студијата покажува дека промените во менталното здравје и благосостојба во текот на денот може да се објаснат со физиолошки промени поврзани со телесниот часовник.

„Кортизолот, хормон чија најважна задача е да обезбеди доволно енергија во моментите на интензивен стрес бидејќи го регулира расположението, мотивацијата и стравот, го достигнува својот врв веднаш по будењето, а неговото ниво е најниско кога е време за спиење“, заклучија тие.

Најсреќни во вторник

Научниците исто така забележале дека менталното здравје на повеќето испитаници е подложно на промени за време на викендот, но работите станале постабилни во текот на целата недела.

Научниците ги следеа флуктуациите во менталното здравје на учесниците во студијата (на пример, симптоми на депресија и/или анксиозност), флуктуации во чувствата на среќа, задоволство од животот, чувства дека животот вреди и флуктуации во чувството на осаменост.

Испитаниците одговараа на прашалниците кои им беа понудени, а кои содржеа прашања од типот: „Колку се чувствувавте среќни минатата недела?“, „Колку сте задоволни од вашиот живот“ и „До кој степен сметаш дека вредат работите што ги правиш во животот?“ Беа земени предвид факторите како возраста, здравствената состојба и дали луѓето биле вработени.

Резултатите покажале дека оценките за среќа, задоволство од животот и смислата на животот биле повисоки во понеделник и петок отколку во недела.

Во исто време, се покажа дека испитаниците одговориле дека се најсреќни во вторник.

TRT Balkan / агенции
Популарни