Минатиот месец беше најтоплиот јануари досега, објави Европската служба за климатски промени Коперник, и покрај очекувањата на научниците дека поладните услови на климатскиот феномен Ла Ниња би можеле да го забават рекордното глобално затоплување.
Просечната температура минатиот месец била 13,23 степени Целзиусови, што е за 0,79 степени над просекот за јануари 1991-2020 година, пренесува Индипендент.
Како што е наведено, јануари 2025 година беше 1,75 степени над прединдустриските нивоа.
Научниците се надеваа дека појавата на Ла Ниња ќе го забави рекордното глобално затоплување, но минатиот месец рекордот беше соборен за 0,1 степен, пишува британскиот весник.
Ел Нињо и Ла Ниња се два климатски феномени во Тихиот Океан кои влијаат на временските услови ширум светот.
Ветровите пасати во Пацификот генерално дуваат од исток кон запад, предизвикувајќи топла вода да се движи кон западниот Пацифик.
Ел Нињо се случува кога овие ветрови слабеат или ја менуваат насоката, предизвикувајќи водата во источниот дел на Пацификот, во близина на брегот на Америка, да биде потопла од вообичаено.
За време на периодите на Ла Ниња, пасатите од исток кон запад стануваат посилни, па топлите води се движат уште позападно, кон бреговите на Австралија и Југоисточна Азија.
Поради ова, студената вода се „издигнува“ од длабочините на океанот, со што температурата на површината на морето е пониска во просек, особено во Америка.
Овие појави се случуваат периодично, на секои две до седум години и обично траат од девет до 12 месеци.