Во наредната деценија се предвидува дека околу 20 отсто од светската популација ќе поседува барем по еден сет слушалки, додека се предвидува дека секторот ќе се зголеми петпати во однос на сегашната големина.     Фото: АА

Како аудио уредите, особено слушалките, продолжуваат да се развиваат и стануваат се поприсутни, вреди да се присетиме како оваа технологија настана и потенцијалните опасности кои ги носи со себе, и покрај своето незаменливо место во секојдневниот живот.

Темелите на технологиите на слушалките кои денес ги користиме поставени се пред повеќе од 100 години, кога Грахам Бел го измислил телефонот, вели експертот за социјални мрежи Дениз Унај.

Телефонските оператори и американската војска биле меѓу првите кои ги усвоиле првите примери на дизајнот на слушалките кои денес ги гледаме во речиси сите области на нашите животи, вели Унај.

„Од тогаш, единствената работа која остана непроменета беше намената на овие производи, а тоа беше да овозможат радост и квалитетен звук“, смета експертот.

Како што рече, и за жичените и безжичните слушалки, секојдневниот напредок во технологијата, доведе до нови идеи и ги претвори во индустрија.

Нагласи дека во наредната деценија се предвидува дека околу 20 отсто од светската популација ќе поседува барем по еден сет слушалки, додека се предвидува дека секторот ќе се зголеми петпати во однос на сегашната големина.

Во меѓувреме, јапонскиот електронски гигант „Сони“ (Sony), кој долги низа години беше водечки во индустријата на аудио и видео технологијата, сега е засенет од брендовите како што се „Ејпл“ (Apple) и „Босе“ (Bose), објаснува Унај.

„Препознавајќи го овој нов извор на приходи, компаниите ја прифатиле идејата своите слушалки да ги произведуваат како расипливи и тешко поправливи. Така слушалките станаа постојан и попредвидлив извор на приходи за компаниите“, рече Унај.

Според него, слушалките овозможуваат приватност и за телефонските повици и за слушање музика, со што ги прават нашите животи полесни и тоа е непобитен факт. Меѓутоа, напоменува тој, суштински е спротивно на природата на човековиот слух, звукот да се испраќа директно во ушниот канал.

Ова поставува прашања за тоа колку е здрава употребата на слушалките, особено при долготрајна употреба.

„Интензитетот на звукот се мери во децибели (dB). Според најголемата американска здравствена агенција CDC,гласните звуци преку 120 децибили, можат веднаш да предизвикаат оштетување на нашиот слух“, рече Унај.

Како што вели тој, звуците со јачина од 80 децибели и повеќе, во меѓувреме, ги вознемируваат луѓето и предизвикуваат оштетување на слухот при долготрајна изложеност.

„Додека слушаме музика и телефонираме со слушалки, нашите уши се изложени на интензитет на звук од 80-85 dB“, предупредува Унај.

Домашните апарати како правосмукалките, транспортните возила како возовите и камините, и работните и градежните машини „придонесуваат кон загадување со бучава во нашиот секојдневен живот“.

„Обично, пронаоѓаме решение така што носиме слушалки и слушаме гласна музика за да ги избегнеме овие звуци. Всушност, на некој начин скокаме од тава во оган“, предупредува Унај.

Тој истакнува дека паметните телефони, кои станаа неизоставен дел од нашето секојдневие, можат моментално да измерат dB вредноста на која сме изложени.

„Би требало да се обрне внимание на тие вредности и да се слуша музика на пониско ниво“, додава Унај.

Експертот за социјални мрежи ги повика луѓето да побараат медицинска помош доколку почувствуваат било што необично во своето уво, истакнувајќи дека исто така би требало да обрнеме внимание на хигиената на ушите и слушалките.

AA
Популарни