Не постои точна статистика за тоа колку жртви имало поради опасните предизвици на социјалните мрежи како ТикТок или Инстаграм          Фото: АП

Реалниот живот и експериментирањата на социјалните мрежи се две различни работи. Во трка за популарност, лајкови и следбеници младите не бираат средства. Честопати тие не знаат да ги проценат опасностите па нивните предизвици можат да имаат фатални последици, објаснува Мирјана Јовановска-Стојановска, универзитетски професор, психолог и претседател на Комората на психолози на Сeверна Македонија.

Последниот случај со девојката во Скопје која сериозно беше повредена обидувајќи се да сними видео, според Јовановска-Стојановска е доказ за тоа дека борбата против негативното влијание на социјалните мрежи кај младите мора да продолжи.

„Наше е на возрасните да им помогнеме на младите да дојдат во контакт со реалноста и да разберат дека реалноста е единствен начин да се живее. Превенцијата е многу битна за ова борба. Правилно информирање, подигање на свесноста за значењето и опасностите на социјалните мрежи”, изјави Јовановска-Стојановска за ТРТ Балкан.

Потребна е едукација на младите

Таа истакнува дека е неопходна континуирана едукација.

„Едукацијата за социјалните мрежи е веројатно најважен дел во борбата со негативните последици. Во ред е младиот човек да биде популарен и да има следбеници. Но младите треба да знаат кое е значењето на социјалните мрежи и како правилно да ги користат за да се намали можноста за случки со трагичен крај. Неопходна е стратегија за континуирано едуцирање”, истакнува Јовановска – Стојановска.

Инаку 17 годишната девојка, според полициските извештаи, се здоби со сериозни изгореници од струен удар кога на железничката станица кај Маџари во Скопје се качи на воз во обид да сними видео. Најголем дел од изгорениците беа на грбот и колковите. Таа заврши на скопските клиники. Кога сакала да се качи на возот влегла во магнетно поле и од ударот се нашла на кровот од вагонот.

Случајот го потврди и македонското министерство за внатрешни работи.

„Додека поминувале со нејзината другарка покрај железничката станица во Маџари во еден момент се качила на еден од вагоните за со својот телефонски апарат да изврши фотографирање, снимање по што поради брзината на електричната мрежа истата добила струен удар по кој паднала во бесознание”, изјавија од МВР.

Во Скопје изминатиов период на социјалните мрежи имаше серија апели од родители кои биле сведоци на максимално ризични предизвици кои ги прават малолетници. Како легнување на булевар и натпревар кој побрзо ќе стане пред да наиде автомобил. Слични предизвици со возови имаше и на железничките станици.

Опасните предизвици виновни за стотици жртви глобално

Не постои точна статистика за тоа колку жртви имало поради опасните предизвици на социјалните мрежи како ТикТок или Инстаграм, но според медиумските извештаи стотици жртви низ годините имало од серија опасни и животозагрозувачки предизвици кои најчесто ги изведуваат младите.

TRT Balkan
Популарни