Повеќе од 700.000 нови корисници во САД се приклучија на кинеската мрежа РедНоут неколку дена пред потенцијалната забрана на апликацијата ТикТок во САД / Photo: Reuters

Сопственикот на социјалната мрежа ТикТок има намера да ја исклучи апликацијата за корисниците во САД почнувајќи од недела, 19 јануари, кога нејзината забрана треба да стапи на сила, освен ако не биде блокирана од Врховниот суд.

Таквиот исход претставува подрастичен потег од она што го бара законот, кој американскиот претседател Џозеф Бајден го потпиша минатиот април, објави Ројтерс.

Овој закон првично предвидуваше само забрана за нови преземања на апликацијата од Ап Стор и Гугл Плеј продавниците, додека постоечките корисници би можеле да продолжат да ја користат извесно време.

БајтДенс (ByteDance), компанијата која е сопственик на ТикТок, одлучи целосно да ја исклучи апликацијата и планира да ги пренасочи сите корисници на посебна страница на денот кога ќе престане да работи, каде што ќе можат да ги преземат своите податоци.

Според планот на ТикТок, луѓето кои ќе се обидат да ја отворат апликацијата ќе видат порака која ги упатува на веб-локација со информации за забраната, велат изворите.

Бајден во април минатата година потпиша закон со кој се бара БајтДенс да го продаде својот имот во САД до 19 јануари 2025 година, или ќе се соочи со забрана на национално ниво.

ТикТок објави во судска пријава минатиот месец дека проценува дека една третина од 170 милиони Американци кои ја користат нејзината апликација ќе престанат да пристапуваат до платформата доколку забраната трае еден месец.

Повеќе од 700.000 нови корисници во САД се приклучија на кинеската мрежа РедНоут (RedNote), неколку дена пред потенцијалната забрана на апликацијата ТикТок во Соединетите држави, изјавија извори за Ројтерс претходно денеска.

Апликацијата Лимон 8 (Lemon8), која, како и ТикТок, е во сопственост на кинеската компанија БајтДенс стана популарна и меѓу странските корисници, при што преземањата скокнаа за 190 отсто на околу 3,4 милиони минатиот месец.

Претходно денеска, Врховниот суд на Соединетите Американски Држави започна со сослушување аргументи во врска со законитоста на одлуката да се забрани платформата ТикТок или да се наметне забрана за нејзина продажба до 19 јануари во САД.

Министерството за правда тврди дека ТикТок е сериозна закана за националната безбедност на САД поради ризикот Кина да ги користи овие податоци за шпионажа, уцена или манипулација со содржината што корисниците ја гледаат на апликацијата.


TRT Balkan / агенции
Популарни