Клучните мерки вклучуваат забрана за рекламирање на најевтиниот текстил и еколошка такса за евтини артикли / Photo: SHEIN Facebook

Францускиот парламент поддржа низа мерки кои ќе ја направат евтината или т.н.„брза мода“, особено од кинески масовни производители, помалку привлечна за купувачите.

„Гласањето ја прави Франција првата земја во светот која донесе закони за ограничување на ултра брзата мода“, рече Кристоф Бечу, министер за еколошка транзиција.

Клучните мерки вклучуваат забрана за рекламирање на најевтиниот текстил и еколошка такса за евтини артикли.

Францускиот пазар за облека е преплавен со евтина увозна облека, додека неколку домашни брендови прогласија банкрот.

Но главните аргументи на Хоризонс, партијата која го поднесе предлог-законот и сојузничка на претседателот Емануел Макрон, се еколошки.

„Текстилната индустрија е најголемиот загадувач“, рече потпретседателката на Хоризонс, Ен-Сесил Виоланд, велејќи дека секторот е одговорен за 10 отсто од емисиите на стакленички гасови и е главен загадувач на водите.

Како основен пример за интензивна модна продукција, таа ја издвои кинеската компанија „Шеин“ и нејзините „7.200 нови облеки дневно“.

Според усвоениот закон, Франција ќе примени критериуми како што се количината на произведена облека и брзината на промена на новите колекции при одредувањето што претставува брза мода.

Ограничување на рекламирањето на брзата мода

Откако законот ќе стапи во сила, за кој се уште е потребно гласање во Сенатот, прецизните критериуми ќе бидат објавени со декрет. Производителите на брза мода ќе бидат принудени да ги информираат потрошувачите за влијанието на нивното производство врз животната средина.

Дополнителен надоместок поврзан со еколошкиот отпечаток на брзата мода од пет евра по артикал се планира од следната година, кој до 2030 година ќе се зголеми на 10 евра. Виоланд рече дека приходите од надоместокот ќе се користат за субвенционирање на одржливи производители на облека, што ќе им овозможи полесно да се натпреваруваат на пазарот.

Беше одобрена и мерка за ограничување на рекламирањето на брзата мода, иако конзервативниот пратеник Антоан Верморел-Маркес истакна дека „забраната за текстилно рекламирање, особено модата, значи крај на модата“. Не беше прифатена иницијативата на претставниците на левицата и на Зелените во новиот закон да се вклучат минимални казни за производителите кои ги прекршуваат правилата, како и увозни квоти и построги критериуми за работните места во индустријата.

Модата од високата класа е камен-темелник на француската економија благодарение на водечките светски луксузни брендови како Луј Витон, Шанел, Хермес, Диор и Картие.

Но другите делови од францускиот моден сектор загубија во трката од европските ривали Зара, Х&M и од неодамна кинеските гиганти Шеин и Тему.

TRT Balkan / агенции
Популарни