Турчин од Кајсери ги лечи љубовните маки со носталгичен стил на облекување / Photo: AA

Турчинот Али Мемил од Кајсери го привлекува вниманието на јавноста со својот стил на облекување од 1970-тите години на минатиот век, а во разговор за Анадолу призна дека зад неговиот уникатен имиџ се крие обид со носталгија да ги излечи љубовните маки што ги има поради невозвратена љубов.

Мемил работи во индустријата за мебел, а последните шест години поради невозвратена љубов слуша само тажна музика, носи носталгична облека слична на онаа што се носеше пред половина век.

Откако не успеал со жената во која се заљубил, Мемил престанал да размислува за женидба, а оттогаш го привлекува вниманието со фризурата, мустаќите и облеката каква што некогаш носеле познатите турски музичари Ферди Тајфур и Орхан Генцебај.

Во разговор за Анадолу, Мемил рече дека сака носталгија и дека во секој поглед живее според обичаите карактеристични за минатото.

Тој смета дека чистата љубов била почеста во минатото.

„Мојата приказна всушност се заснова на љубовна приказна. Имаше една жена која влезе во мојот живот и која многу ја засакав. Бев подготвен да ѝ дадам сѐ, но тоа не беше доволно“, изјави Мемил.

Тој своите панталони, кошули и чевли ги изработува кај шнајдер, а луѓето на улица често го запираат и го замолуваат за фотографирање.

„На луѓето многу им се допаѓа тоа. Немам добиено ниеден лош коментар. Ми велат дека личам на Орхан Генџебај или на Ферди. Ме радува кога слушам убави работи, но овој стил е убав ако го правите затоа што ви се допаѓа тоа, не затоа што некому друг му се допаѓа. Всушност, мојот изглед е заснован на љубовна приказна. Морав да излезам од тоа неповреден. Ми се допаѓа одразот во огледалото, никого не имитирам, си градам свој имиџ", рече Мемил.

AA
Популарни